ЛАНИ ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ЗАБОЛЕЛЕ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА ОД 2019, НО ПАЃА СТАПКАТА НА ТЕШКА ФОРМА НА БОЛЕСТА

    ЛАНИ ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ЗАБОЛЕЛЕ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА ОД 2019, НО ПАЃА СТАПКАТА НА ТЕШКА ФОРМА НА БОЛЕСТАСо бесплатен скрининг за рано откривање на ракот на грлото на матката се опфатени жени на возраст од 24-61 година. (Фото: К. Попов)

    Во 2020 година бил зголемен бројот на жени кои заболеле од рак на грло на матка за разлика од 2019, но се намалува бројот на жени со тешка форма на рак на грло во земјава, велат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). По повод јануари како месец посветен на борба против ракот на грлото на матката, извештајот на ИЗЈ вели дека податоците покажуваат оти сè помал е бројот на жени со тешка форма на карцином, како што се плочестиот карцином суспектен за инвазија и инвазивниот плочест карцином.

    Во земјава на годишно ниво од овој тип рак заболуваат околу 150 жени, или 15 на 100.000 жени. Министерството за здравство вели дека според податоците од Клиниката за гинекологија и акушерство, на оваа Клиника во 2019 се третирани 111 случаи на карцином на грло на матка, додека во 2020 бројот е зголемен и изнесува вкупно 140 случаи.

    „Министерството за здравство секоја година изготвува посебна Програма за рана детекција на малигни заболувања, во која е предвидено спроведување бесплатен скрининг за рано откривање на ракот на грлото на матката, со кој во период од три години се опфатени жени на возраст од 24-61 година, односно следните возрасни групи: 24-35 години, 36-45 години, и 46-61 година“, велат оттаму.

    Во рамки на организираниот скрининг годишно се испраќаат во просек околу 53.000 покани, а процентот на жени кои примиле покана изнесува околу 88,3%. Од нив, околу 60% жени се тестираат со ПАП тест или во просек годишно се прават по 24.000 ПАП тестирања, пришто се откриваат брисеви со околу 10% епителни клеточни абнормалности во вкупно цитолошки анализираните брисеви или во просек по 2.400 брисеви годишно се со позитивни наоди.

    Во 2020 година, во првите 3 квартали околу 12.000 покани се испратени од гинеколозите кои се вклучени како извршители во Програмата, направени се околу 9.000 ПАП тестови при што откриени се околу 900 брисеви со одредени клеточни абнормалности, што исто така претставува 10% од вкупно цитолошки анализираните брисеви.

    „Од аспект на зајакнување на превенцијата од ова заболување, во 2019 година го осовременивме Календарот за имунизација со тоа што обезбедивме четиривалентна ХПВ вакцина, со која се замени дотогаш користената двовалентна вакцина. Оваа вакцина штити од 4 опасни типови на хуман папилома вирусот. Покрај превенција од предмалигни генитални лезии, предмалигни анални лезии, канцери на грлото на матката и анални канцери, дополнително превенира и генитални брадавци. Токму во 2019 година е зголемен опфатот со вакцинација со оваа вакцина во споредба со претходните години“, вели Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира