ЛАЗО ВЕЛКОВСКИ И ГОРАН НИКОЛОВСКИ НА МЕСТАТА НА МИТКО ЧАВКОВ И ВЛАДИМИР АТАНАСОВСКИ ВО БЈБ И УБК

    ЛАЗО ВЕЛКОВСКИ И ГОРАН НИКОЛОВСКИ НА МЕСТАТА НА МИТКО ЧАВКОВ И ВЛАДИМИР АТАНАСОВСКИ ВО БЈБ И УБКНовиот директор на БЈБ Лазо Велковски и министерот Оливер Спасовски на денешната средба со делегација на Советот на европските полициски синдикати. (Фото: МВР)

    Владата ги избра Лазо Велковски за директор на Бирото за јавна безбедност и Горан Николовски за директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на денешната седница на предлог на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Николовски е вработен во УБК како раководител на Одделот за контраразузнавање за Балкан, а Велковски, долгогодишен вработен во МВР, во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, до формирањето на техничката Влада, бил преместен во Агенцијата за разузнавање.

    Двајцата доаѓаат на местата на Митко Чавков во БЈБ и  на Владимир Атанасовски во УБК, кои си заминуваат со сомневања за тешки злоупотреби во вршењето на функциите на овие две клучни директорски места во МВР.

    „На владината седница е констатирано дека новоименуваните директори, Велковски и Николовски, се квалитетни експертски решенија со долгогодишно работно искуство во областа, кои не биле и не се членови на политички партии. Изразено е уверување дека Велковски и Николовски успешно ќе одговорат на одговорностите во двата важни органа за безбедноста, што функционираат при МВР, на чии челни позиции се поставени, со оглед дека претстојат сериозни реформи во МВР и во тајните служби, согласно забелешките на Извештајот на експертската група на ЕК, предводена од Рајнхард Прибе. За разрешените директори Чавков и Атанасовски е констатирано дека учествувале во недозволиви и незаконски активности против државата“, соопштија од Владата.

    Чавков во извештајот на Работната група во МВР за расветлување на одговорноста за крвавите настани во Собранието на 27 април е посочен како најодговорен за недавањето наредби на полицијата да постапи и да ги спаси животите на пратениците од СДСМ и од парламентарното мнозинство, во нападот на насилниците кои упаднаа таа вечер во Парламентот. Извештајот е предаден во Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое пред десетина дена соопшти дека има индиции дека нападот во Собранието бил организиран.

    За 35-годишниот Владимир Атанасовски, кој за директор на УБК беше назначен на први септември, лани, се дозна ноќта меѓу 21 и 22 октомври кога ѝ правеше опструкции и не ѝ дозволуваше на специјалната обвинителка Катица Јанева да влезе по докази за прислушувањето во просториите на Управата, иако имаше судски налог.

    За попречување на истрагата „Трезор“ и за одбивање да даде податоци на Специјалното јавно обвинителство дали опремата за прислушување во УБК набавена преку фирмата „Финзи“ е инсталирана во МВР, како и попис за видот и количината, Атанасовски беше казнет од Основниот суд Скопје 1 на барање на СЈО со парична казна од 2.500 евра.

    Атанасовски, исто така, се посочува и како еден од најодговорните фактори за настаните на 27 април. Обвинителството ќе треба да каже дали и тој е дел од организираниот напад на Собранието.

    „УБК до Оперативниот штаб на МВР не доставила проценка за безбедносната состојба во Македонија, обврска која произлегува од одржаниот состанок со министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. И недостатокот од оперативно-разузнавачки информации и сознанија влијаел на процесот на процената на безбедносната проценка и донесувањето одлуки“, стои во извештајот на работната група.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира