По вчерашните претреси и апсења во Скопје, Битола и Струмица во врска со незаконски увоз на медицински материјали за естетика (ботокси и филери), Обвинителството и Министерството за внатрешни работи (МВР) и денеска продолжуваат со претресите на повеќе локации.
Уапсени се повеќе лица, дел од нив вработени како доктори на скопските клиники и сопственици на дерматолошки ординации.
„Во рамки на постапка за организиран илегален увоз и дистрибуција на медицински средства користени при естетски зафати, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈО ГОКК), Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР се уште спроведува координирана акција при што се вршат интензивни претреси на повеќе локации низ државата. Акцијата е резултат на постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и Примање поткуп”, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителството вели дека до овој момент биле обезбедени повеќе лица, но поради обемот и сериозноста на случајот акцијата се проширува со нови претреси и приведување на други инволвирани лица.
С. К. ДЕЛЕВСКА



