Лекарите мора јасно да ги насочуваат пациентите која лабораторија не ги дава бараните услуги, а исто така, потребна е и рационализација на употребата на тумор-маркери, рече директорот на Фондот за здравство (ФЗО) Сашо Клековски на денешната прес-конференција. Онколошките пациенти често реагираат дека на Клиниката за онкологија нема тумор-маркери. Во октомври, Ана Марјановиќ од Здружението Хемаонко рече дека околу 60 проценти од пациентите за првичната дијагноза односно за биопсија одат на приватно.
Според анализата на ФЗО, до септември 2024, направени се 238.744 анализи за тумор-маркери.
„Тоа што во моментов на Клиниката за онкологија не се работат анализи за тумор-маркери не ги загрозува пациентите, бидејќи институција со најголем број на анализи за тумор-маркери е Инситиутот за клиничка биохемија, кој е на 200 метри од Онкологија. На Институтот досега се направени скоро 50 илјади анализи. Тука се и Градската општа болница ‘8 Септември’, а над 10 илјади се прават во Куманово, Тетово, во скоро сите градови има најмалку 2 институции, болницата и здравствениот дом каде се работат тумор-маркери“, кажа Клековски.
Најмногу тумор-маркери се прават за простата, ПСА анализи, околу 65 илјади до септември, а се направени и 21 илјада анализи за тумор-маркери на рак на дојка.
„Дали може подобро – да, во две насоки. Првата е дека мора да има јасно насочување на пациентите која лабораторија не ги дава бараните услуги, пациентите да не лутаат по институциите, посебно кога од општата болница треба да одат во здравствениот дом и обратно. И втората, да се рационализира употребата на тумор-маркери. Да нагласам дека помал дел, ретко овие тумор-маркери се користат за дијагностика, таков е примерот за ПСА за простата и тука веројатно треба да имаме многу повеќе направени анализи, бидејќи треба да се анализира здрава популација, додека најголем дел од другите тумор-маркери се добри за следење на состојбата на пациентите и можни рецидиви на болеста. На пример, ако имаме 2.5 илјади пациентки со рак на дојка кои користат хормонална терапија во моментот, и имаме 21 илјада анализа направена за соодветниот тумор-маркер, укажува дека се прават непотребни анализи бидејќи овие тумор-маркери не помагаат во дијагностиката на рак на дојка, тие се добри само за следење на состојбата. Да не бидам погрешно сфатен за зборот непотребни, ако има 2.500 пациентки на 3 месеци да се контролираат, тоа се 10.000 анализи годишно. Треба да се рационализира, за да се остави просторот за пациентите на кои им е тоа непоходно, бидејќи често трошиме капацитети за пациентите на кои не им е непоходно и се создаваат проблеми за овие другите“, рече директорот на ФЗО Клековски.
Б. НЕСТОРОСКА



