ЛЕКАРСКАТА КОМОРА БАРА ДА СЕ ИЗГЛАСААТ И НОВИТЕ ЗАКОНИ ЗА ДОКТОРСКА ДЕЈНОСТ И ЗА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА

    ЛЕКАРСКАТА КОМОРА БАРА ДА СЕ ИЗГЛАСААТ И НОВИТЕ ЗАКОНИ ЗА ДОКТОРСКА ДЕЈНОСТ И ЗА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТАЛекарската комора ги поддржа измените на Законот за здравствена заштита со кои се олеснуваат условите за специјализација на лекарите и очекува да се донесат и Законот за докторска дејност, како и нов Закон за здравствена заштита; - Калина Старделова-Гривчева, претседателка на Лекарската комора (Фото: СДК.МК)

    Лекарската комора смета дека се добри измените на Законот за здравствена заштита со кои се олеснуваат условите за специјализација на лекарите, се дава можност граѓаните да изберат лекар во дополнителна дејност на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), јавните здравствени установи (ЈЗУ) да праќаат специјалисти во други вакви установи за да ја доближат здравствената услуга до граѓаните, а пензионираните доктори да работат како консултанти во општината во која живеат.

    „Измените се добри, ги поддржуваме и активно бевме вклучени во тие измени. Следно, очекуваме да не застане на ова и дека ќе се изгласа и Законот за докторска дејност, како и нов Закон за здравствена заштита, во чија изработка сме активно вклучени“, вели Калина Старделова-Гривчева, претседател на Лекарската комора.

    Поддршка на законските измени стигна и од Синдикатот за здравство, фармација и социјална заштита, како и од Независниот синдикат на клиничките центри, кои сметаат дека со нив ќе се овозможи подобра здравствена заштита. Овие законски измени вчера ги поддржаа и Здружението на лекари специјализанти , како и Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, кои кажаа дека со законските измени се укинуваат лихварските договори со кои се намалува периодот што треба да го одработат во ЈЗУ која им ја платила специјализацијата, како и сумата што треба да ја платат ако предвреме си заминат оттаму. Тие кажаа дека следни приоритети се обезбедување дежурства за специјализантите, и придонеси за приватните специјализанти.

    Министерот за здравство Венко Филипче, на прашањето за дежурствата за специјализантите и за придонесите за приватните специјализанти, кажа дека работат на пресметки како тоа да се направи, и дека оваа Влада е првата која одвоила значајна сума за да се обезбедат плати за приватните специјализанти, како и зголемување на платите во здравствениот сектор.

    „Рабоиме на нови зголемувања на платите и за лекарите и за медицинските сестри, како и за дежурствата за специјализантите. Во однос на придонесите за приватните специјализанти, тоа не можевме досега да го направиме оти се со договор на дело, и во иднина нема да има вакви договори, туку лекарите ќе се вработуваат или на определено или на неопределено време, зависно од потребите на јавните здравствени установи“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира