ЛЕКОТ „РАДИЈОД“ ЗА ОПЕРИРАНИТЕ ОД ТИРОИДНА ЖЛЕЗДА СТИГА ВО ЗЕМЈАВА ПРЕКУ ИСТАНБУЛ, ОТКАКО ЗАГЛАВИ ВО ВИЕНА

    ЛЕКОТ „РАДИЈОД“ ЗА ОПЕРИРАНИТЕ ОД ТИРОИДНА ЖЛЕЗДА СТИГА ВО ЗЕМЈАВА ПРЕКУ ИСТАНБУЛ, ОТКАКО ЗАГЛАВИ ВО ВИЕНАИнститутот за патофизиологија и нуклеарна медицина при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е единствената институција во системот на јавото здравство каде што се аплицира радиоактивниот јод. - Медицинско лице на Клиничкиот центар во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Радијодната терапија по прекинот, повторно е редовно достапна за пациенти со тироиден карцином и хипертироидизам започнувајќи со испораката во јули, велат од Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина.

    САКАМДАКАЖАМ.МК веќе пишуваше дека испораката на лекот „радијод“ кој им треба на пациенти оперирани од тироидна жлезда ќе доцни и наместо на 20 јули како што беше најавено, во земјава ќе стигне на 27 јули. На 9 јули објавивме дека околу 15 пациенти со проблеми на тироидна жлезда од март го немаат примено лекот „радијод“ , чекаат за да ја добијат оваа терапија, а чекаат и радиоизотопи за дијагностика, откако до нашата редакција стигнаа реакции од граѓани кои се оперирале од штитна жлезда, дека од март не можат да се снабдат со потребниот лек „радијод“ и дека им се загрозени животите.

    Од Институтот додаваат дека со оглед на тоа што испораката на радиоактивни материјали се одвива исклучиво по воздушен пат, истата беше времено прекината поради ситуацијата со ковид-19, односно со затворањето на аеродромот во Скопје.

    „Радиојодната терапија, последниве години се набавуваше од Полска од ‘Полатом’, преку нивниот застапник во Северна Македонија фирмата ‘Биотек’. Со воспоставувањето на авиосообраќајот се направија максимални напори од страна на добавувачот да започне нормалната дистрибуција, која повторно беше доведена во прашање со прекинот на летовите Виена-Скопје од страна на официјалниот австриски авиопревозник. Во јули беше првата испорака на терапијата после 16 март кога стигна претходната пратка, и сега истата продолжува редовно преку Истанбул, со третман на 2-3 пациенти неделно, што е сосема доволно да се задоволат потребите на ургентните случаи за радиојодна терапија“, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК

    Радиојодната терапија се применува за третман на пациенти со тироиден карцином и хиперитироидизам. Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е единствената институција во системот на јавото здравство каде што се аплицира радиоактивниот јод.

    Нуклеарно-медицинскиот оддел при Клиничка болница во Битола аплицира повремено мали дози, кои се користат за лекување на хипертироидизам. Поголемите дози, кои се даваат на пациенти со карцином на штитната жлезда, се аплицираат исклучиво на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина.

    „Со оглед на тоа дека законската регулатива поврзана со заштитата од јонизирачко зрачење налага изолација на таквите пациенти во болнички услови, нивната хоспитализација по аплицирањерто на радиојодната терапија е на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија“, додаваат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира