ЛЕКОТ „ТРИКАФТА“ СТИГНА НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ОСВЕН 12. ПАЦИЕНТИ СО ФИСТИЧНА ФИБРОЗА, НА 10 ДЕНА ЌЕ СЕ ВКЛУЧУВААТ ПО СЕДУМ НОВИ

    ЛЕКОТ „ТРИКАФТА“ СТИГНА НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ОСВЕН 12. ПАЦИЕНТИ СО ФИСТИЧНА ФИБРОЗА, НА 10 ДЕНА ЌЕ СЕ ВКЛУЧУВААТ ПО СЕДУМ НОВИДиректорката на Детска клиника, Стојка Нацева-Фуштиќ, министерот Фатмир Меџити и Фики Гаспар од Асоцијацијата за цистична фиброза. (Фото: К. Попов)

    Лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза стигна на Клиниката за детски болести, кажа денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, додавајќи дека за 100 милиони денари набавена е терапија за следните месеци. Дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот, за 2024 и 2025 година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза се обезбедени со терапија.

    Меџити рече дека пациентите со цистична фиброза, етапно се вклучуваат на терапија, согласно Протоколот и прецизни критериуми на евалуација, се одлучува за добивањето терапија. Листата на пациенти е направена од стручна комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање.

    Според директорката на Детска клиника, Стојка Нацева-Фуштиќ, обезбедена е терапија за 12 пациенти, а селектирано постепено ќе има вклучување на нови седум пациенти на секои 10 дена. Таа кажа дека освен тие 12 пациенти кои се веќе на терапија има уште 55 лица и дека за сите тие ќе биде обезбедена терапија во текот на 2024.

    „Оваа количина која сега ја имаме, тоа се 102 дозечни форми на лекот ќе бидат доволни за наредните два до три месеци за продолжување на терапијата кај дванаесетте пациенти кои веќе се вклучени, додека Министерството за здравство не ја обезбеди понатаму останатата терапија. Со вклучување нови пациенти на терапијата може да се почне веќе в понеделник. Динамиката ќе биде по седум пациенти на десет дена. Лекот кај нас, засега, е предвиден за пациенти над 12 години, а има земји во кои го даваат уште од две години. Ние моравме од некаде да почнеме, за пациентите над 12 години беа направени првите клинички студии. Сега веќе има клинички студии и за шестгодишни пациенти и возрасната граница може да се намали. Иако границата кај нас е 12 години, со конзилијарни мислења, може да вклучиме и помлади. Веќе има две деца кои се во тешка состојба и за нив можеме да дадеме препорака да бидат вклучени во терапија со конзилијарни мислења“, кажа Нацева-Фуштиќ.

    Претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза Фики Гаспар кажа дека денеска голем број на родители и пациенти ќе бидат мирни и нема да стравуваат за нивниот или за животот на нивите деца.

    На крајот на прес-конференцијата во Владата, министерот Меџити ѝ честиташе пензионирање на д-р Нацева-Фуштиќ и кажа дека наскоро ќе сооопшти кој ќе дојде на нејзино место како директор на Детска клиника.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира