ЛЕТОВО ЌЕ БИДЕ ДОЛГО, ЖЕШКО И ПОСУВО ОД ВООБИЧАЕНО – ВОДИЧ ЗА ЖИВОТ НА ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ

    ЛЕТОВО ЌЕ БИДЕ ДОЛГО, ЖЕШКО И ПОСУВО ОД ВООБИЧАЕНО – ВОДИЧ ЗА ЖИВОТ НА ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИMакедонија до 23 јуни ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината. (Фото: К. Попов)

    Треба да бидеме подготвени за долго, жешко лето, како и во изминатите три години, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Временските услови предвидуваат претстојното лето да биде потопло и посуво од вообичаеното во Европа поради климатските промени. Јавноста, здравствените работници и јавните здравствени власти треба да бидат подготвени за топлотни бранови и да ги спречат и да се справат со можните здравствени последици од изложеноста на прекумерна топлина.

    Mакедонија до 23 јуни ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината, соопшти претходно Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

    „Фреквенцијата, интензитетот и времетраењето на топлотните бранови се зголемуваат, со значителен засилувачки тренд во Европа, што е многу загрижувачко за јавното здравство. Поради климатските промени, потенцијалот за опасна изложеност на екстремна топлина се влошува во последните децении и ќе продолжи да се влошува во иднина. . Научниот консензус е дека климатските промени ќе ја зголемат оптовареноста со заболувања поврзано со топлината, доколку не спроведеме силни нивоа на адаптација. Ова е исто така од големо значење за да се избегне дополнително оптеретување на системите за здравствена заштита“, велат од ИЈЗ.

    Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени. (Фото: К. Попов)

    Секоја година, високите температури влијаат на здравјето на многу луѓе, особено постарите лица, новороденчињата, луѓето кои работат на отворено и хронично болните. Топлината може да предизвика исцрпеност и топлотен удар и може да ги влоши постојните состојби – како што се кардиоваскуларни, респираторни, бубрежни или ментални заболувања. Несаканите влијанија врз здравјето на топлото време во голема мерка се спречуваат преку добра пракса на јавно здравје.

    Институтот за јавно здравје ги дава следните препораки: 

    • Разладувајте се ако сте на топло.
    • За време на топлотните периоди, важно е да се одржи свежина, за да се избегнат негативните здравствени ефекти на топлината.
    • Избегнувајте ја жегата ако сте во можност.
    • Избегнувајте излегување и вршење напорна активност за време на најжешкото време од денот од 11-17 часот.
    • Останете во сенка, не оставајте деца или животни во паркирани возила, и ако е потребно и можно, поминете 2-3 часа на ден на ладно место.
    • Ако УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крема со заштитен фактор, капа и наочари со заштита од УВ зрачење, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, туристите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето.
    • Одржувајте го вашиот дом ладен.
    • Користете го ноќниот воздух за да го оладите вашиот дом, со природно проветрување кога надворешните температури ќе се намалат, но со користење на заштита од комарци (комарници). Намалете ја оптовареноста на топлина во станот или куќата во текот на денот со користење на ролетни и исклучувајте што е можно повеќе електрични уреди.
    • Одржувајте го телото ладно и хидрирано.
    • Користете светла, бела, лесна и лабава облека и постелнина, практикувајте ладни тушеви или бањи и пијте вода редовно, а избегнувајте пијалоци со шеќер, алкохол или кофеини.
    • Избегнувајте изложеност на сонце или на температури повисоки од 38°C, бидејќи го зголемува ризикот од изгореници и болести поврзани со топлината.
    • Грижите се за себеси, но планирајте да го проверите и семејството, пријателите и соседите кои поминуваат поголем дел од своето време сами. На ранливите луѓе можеби им треба помош во жешките денови, и ако некој што го познавате е во опасност, помогнете им да добијат совет и поддршка. Лицата кои користат редовна терапија треба да се консултираат со матичните лекари и фармацевтите за евентуалните влијанија од лековите на способноста за регулирање на телесната температура.
    • Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино јадење во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиусови и пред употребата да се загрее на + 100 степени. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира