Под мотото „Сите нека знаат“, вечерва во Скопје се одржa осмиот марш на Парадата на гордоста (Скопје прајд), за видливоста и правата на ЛГБТИ – заедницата, за промоција на еднаквоста и нивните човекови права. Во Македонија ЛГБТИ популацијата поради својата отвореност, станува предмет на бездомништво, без покрив над главата и цел на насилство, па затоа овогодишниот марш има и протестен карактер.
Организаторите, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, истакнаа дека Парадата на гордоста и годинава повикува на почитување на човековите права, достоинството и еднаквите можности за сите граѓани. Вистината на ЛГБТИ-популацијата, велат тие, не смее да остане во нивните четири ѕида, потребна е видливост и затоа маршот на гордоста годинава има протестен карактер. Но, велат, потребна е и присутност, зашто овие луѓе се наставници, доктори, клиенти, инфлуенсери, нечии колеги, пријатели, соседи, тие се дел од семејство и тие заслужуваат достоинство и почит за тоа кои се, а нe институционален наплив на омраза и уназадување на веќе стекнати права.
Собирот на учесниците почна во 18 часот кај фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк, а протестниот марш тргна во 19 часот. Поворката се движеше по булеварот Илинден, улицата Франклин Рузвелт, булеварот Партизански Одреди, улицата Димитрие Чуповски и заврши во паркот „Жена борец“ спроти Собранието.
Парадата на гордоста, како и секогаш, се одвиваше под зголемено полициско обезбедување. Во досегашните 8 изданија во Скопје никогаш немало инциденти за време на одржувањето.
С. К. ДЕЛЕВСКА





