Премиерот Христијан Мицкоски вели дека лично ќе седи на царина и ќе ги проверува фактурите при увоз на лекови за, како што кажа, да нема големи профити за поединци на сметка на здравјето на граѓаните.
„Ние кратиме онаму каде што требаше да се скрати, а тоа е да не се краде на болните од канцер, да не се плаќаат функционерски надоместоци, да не се краде на луѓето на кои им е потребна нега. Додека сум јас премиер, нема да дозволам денар да фали за луѓето. И да знаете, лично ќе ги гледам фактурите на царина, кога ќе се увезуваат медикаменти. Лично јас ќе седам и ќе ги гледам за да нема ненормални приходи за поединци да книжат на сметка на здравјето на граѓаните“, кажа Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за ребалансот на буџетот, на настан на поставување на камен-темелник за изградба на нова детска градинка во Трубарево, Општина Гази Баба.
Мицкоски рече и дека од септември ќе се занимаваат со претходната власт, а дотогаш „сите случаи се документираат“.
„Сега јас ви кажувам, и со нив ќе се занимаваме. Да видиме како блескаа изминативе седум години. За да не мислат дека сме ги заборавиле. Летово ќе се посветиме на стабилизирање на состојбата, но од септември ќе се занимаваме и со нив и да види јавноста што правеле“, рече Мицкоски.