Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, апелираше до лидерите на политичките партии да спроведат изборна кампања без заплашувања и насилство и да не подгреваат политички и меѓуетнички тензии, приклучувајќи се кон заедничката изјава на амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Скопје, кои во петокот порачаа дека изборите на 11 декември се можност земјата да направи нов почеток, да се обедини околу своите стратешки цели и да се врати на патот кон европската интеграција.
Бејли на својот профил на Твитер ја сподели заедничката изјава на амбасадорите на земјите членки на ЕУ и напиша дека се согласува со своите колеги од Европската Унија.
„Не можам повеќе да се согласам со моите колеги од ЕУ во нивната изјава. Секој глас е важен и ги повикуваме сите граѓани да го употребат своето демократско право, да гласаат и да ја обликуваат иднината на својата земја. Лидерите треба да спроведат кампања без заплашувања и насилство и да не подгреваат политички и меѓуетнички тензии“, напиша Бејли.
Во изјавата на ЕУ-амбасадорите се вели дека само фер кампања и веродостојни избори ќе бидат потврдени од меѓународните набљудувачи и ќе им дадат на новата влада и на парламентот силен мандат. Главен приоритет, велат амабасадорите, ќе биде политичките актери да се вклучат искрено во спроведувањето на сите елементи од процесот од Пржино, а особено да се посветат на итните реформи.