Претседателот на судскиот совет Зоран Караџовски ја обвини претседателката на Врховниот суд и член на Судскиот совет по функција Лидија Неделкова дека таа била виновна што тој како претседател, во петокот не стасал да испрати покани до членовите за вонредната седница на Советот во среда.
Неделкова на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК во врска со седницата која беше објавена на веб страната на Судскиот совет во петокот, а на која има точка за вонредно оценување на кандидатите за претседатели на судови, рече дека Судскиот совет не ја известил за седницата, но дека и да не биде повторно поканета, таа ќе дојде самата, бидејќи членува во Судскиот совет.
„Судскиот совет уште не ме поканил. Ако повторно не примам покана за седница на Судскиот совет, јас таму ќе се нацртам в среда, бидејќи прочитав дека ќе има. Како што видов на веб страната на Судскиот совет, темите за расправа се мошне интересни“, изјави Неделкова за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Караџовски во реакцијата што ја испрати до САКАМДАКАЖАМ.МК ѝ порача на Неделкова дека нема потреба да се „црта“ и дека ќе биде поканета в понеделник.
Тој тврди дека материјалите за седницата што ќе се одржи во среда на 23.11.2016 година не биле изготвени до крајот на работниот ден во петокот, токму поради тоа што Врховниот суд на Република Македонија нивниот извештај за третиот квартал за 2016 година, го доставил во Судскиот совет со големо задоцнување.
„Ова е единствената причина поради која за седницата беше објавена само информација на официјалната интернет страница, а ниту еден член на Судскиот совет на Република Македонија не е поканет и на ниту еден од нив не му се доставени материјалите. Тоа ќе биде сторено во понеделник на 21.11.2016 година“, вели Караџовски.
Судскиот совет, вели Караџовски, категорично ги отфрла како невистинити и тврдењата на Неделкова, која ги искажа пред десетина дена во тв интервју на емисијата „365“ на ТВ Алсат-М, но и во САКАМДАКАЖАМ.МК дека не ја поканувал на закажаните седници.
„Таа, за секоја одржана седница на Судскиот совет на Република Македонија е уредно известувана и поканувана преку вработените во нејзиниот кабинет, со доставени материјали за секоја седница во елетронска форма. Идентично како и сите останати членови на Судскиот совет на Република Македонија. Неделкова во ниту еден случај не го известила Судскиот совет на РМ за нејзини приватни или службени патувања надвор од Република Македонија, иако има таква обврска, па затоа и да сме сакале не сме можеле да закажуваме седници кога таа не била во можност да присуствува на нив“, вели Караџовски.
Неделкова претходно го обвини Караџовски дека Судскиот совет скришно од неа одржувал седници и како пример ја наведе седницата на седми октомври, кога решавал по некој приговор, а вели дека често седници биле темпирани и закажувани кога таа претходно ќе најави меѓу колегите во Врховниот суд дека е на службен пат.
Јас лично никого не поканувам на седници, продолжува тој, ниту пак има потреба мене лично некој да „ми се нацрта“, одговори попладнево Караџовски и во писмена реакција до нашата редакција порача: „Веќе е доста од инволвирање на сите во судството, па и мое, во личната приказна на Неделкова. Затоа ѝ порачувам дека кампања за избор на претседател на суд се води со дела и со идеи, а не со јавно плукање по целото судство“.
На седницата в среда Судскиот совет зад затворени врати ќе врши вонредно оценување на кандидатите за претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, Владимир Туфегџиќ и Иван Џолев, како и на Неделкова, која е кандидат за втор претседателски мандат на највисокиот суд.
Неделкова вели дека за време на нејзиното 4-годишно членување во Судскиот совет немало вонредно оценување на кандидати за претседатели на судови, што уште повеќе ја прави оваа седница интересна за неа.
Во Врховниот суд, каде покрај Неделкова, како кандидати за претседател на Судот се пријавени уште и врховните судии Беса Адеми, Јово Вангеловски и Снежана Бајлозова, велат дека нив не може никој да ги оценува во Судскиот совет, бидејќи функцијата на овој суд е поинаква од останатите судови во судскиот систем, одлуките на врховните судии се конечни, а нивната работа според законот е неспоредлива со работата на основните, апелационите, управниот и вишиот управен суд.
„Оваа вонредна седница е само со една цел. Како да се поправи ситуацијата со слабата оценка на сегашниот претседател Владимир Панчевски“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК судии потпишани на претставката против Панчевски, која е во процедура во Советот за утврдување факти за разрешување на судија.
Соња К. ДЕЛЕВСКА