Во „Мој термин“ е активен нов модул за евидентирање здравствени услуги на лица без лични документи, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу на промоцијата на протоколот за лица без државјанство.
Протоколот е резултат на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за здравство и Мисијата на ОБСЕ во Скопје со цел да се стави крај на административните пропусти.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека протоколот има директно значење за здравствениот систем и за пристапот до здравствени услуги за лицата без државјанство.
Лицата без утврден идентитет, кои преку надлежните институции добиваат единствен идентификационен број, преку овој модул можат да бидат препознаени во здравствениот систем. На тој начин се овозможува водење електронско здравствено досие, во кое се евидентираат прегледите и здравствените услуги што им се обезбедуваат, што овозможува континуитет на податоци и институционална трага која е важна за натамошно правно и административно постапување.
„Лицата без државјанство не смее да останат без здравствена заштита и во моментот кога ним им е потребна услуга, ние сме тука таа да биде обезбедена навремено и квалитетно. Како Министерство за здравство, задоволство ни е што одиме чекор напред и што овие процедури, конечно, ќе бидат административно завршени – и од техничка и од протоколарна гледна точка, во соработка со Министерството за внатрешни работи и сите релевантни засегнати страни“, рече Алиу.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека овој протокол е историски чекор во справувањето со проблемот на лицата без државјанство. Тој додаде дека прашањето за бројот на лица без државјанство со години не било целосно затворено, но дека со новиот протокол се воспоставува механизам за институционален и долгорочен пристап.



