ЛИЦАТА БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ НЕМААТ ПОКРИВ НАД ГЛАВАТА, УШТЕ ПОМАЛКУ ТЕЛЕФОН, А ДРЖАВАТА ОЧЕКУВА ДА СЛУШНАТ ЈАВНИ ПОВИЦИ ЗА УПИС

    ЛИЦАТА БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ НЕМААТ ПОКРИВ НАД ГЛАВАТА, УШТЕ ПОМАЛКУ ТЕЛЕФОН, А ДРЖАВАТА ОЧЕКУВА ДА СЛУШНАТ ЈАВНИ ПОВИЦИ ЗА УПИСДецата што се родиле по фамозниот јавен повик кој никој од граѓаните – фантоми не го чул, видел, немаат право да се запишат во посебната матична книга на родени.(Фото:СДК.МК)

    Невладините организации успеале да најдат само 659 лица родени во Македонија без матичен број. Притоа тоа го прават сами, без помош од министерствата за правда, труд и социјала и за внатрешни работи и секако без Управата за водење матични книги.

    Министерот за правда Бојан Маричиќ и директорот на Управата Бујар Дардишта се фалат со јавен повик кон овие лица за да се пријавеле за впишување во Матичната книга на родени, во ситуација кога најголемиот дел од нив немаат покрив над главата, не се писмени, немаат средства за комуникација, немаат телефони и не се во состојба да слушнат некакви јавни повици.

    Јавниот повик бил отворен од 1 април до 1 ноември 2018 година. Тие деца што се родиле по фамозниот јавен повик кој никој од граѓаните – фантоми не го чул, видел, немаат право да се запишат во посебната матична книга на родени.

    „Управата за водење матични книги нема информација колкава е бројката на новородени деца по јавниот повик“, критикуваше денеска заменичката-народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

    Управата во одговорот до Народниот правобранител, напишала дека не располага ниту со информации за место на живеење на лицата, како и тоа колку од нив се пријавени во центрите за социјална работа согласно местото на живеење. Управата за водење матични книги, рече Бајрамовска – Мустафа, нема ниту податок за бројот на постапки кои што се во тек за дополнителен упис во матичната книга на родените заклучно со април 2021 година.

    Од 659-те евидентирани 184 лица поднеле Барање за упис во 2020 година. Од нив, само за 44 лица Управата донела решение за издавање извод од посебната матична книга.

    Според Анализата на Народниот правобранител од бројките добиени од невладините организации кои ги бараат на терен неевидентираните, т.е. лицата без матичен број и извод, 397 или 60 проценти од вкупниот број нив се деца под 18 години.

    Од лицата кои го пополниле прашалникот и притоа се изјасниле за својата етничка припадност, најголем број, според податоците на Управата се Роми – 428, Албанци – 88, Турци -20, Бошњаци – 3, Срби – 2 и едно лице од влашката етничка заедница, кажа Бајрамовска-Мустафа.

    Таа побара Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени , кој од неразбирливи причини е со ограничен рок на траење, и истекува можноста за еден месец, да продолжи да се применува уште барем една година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира