ЛИЦАТА СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ ДА ДОБИЈАТ ПРИОРИТЕТ ПРИ ВАКЦИНАЦИЈАТА, БАРААТ ОД РЕГИОНАЛНИОТ ЦЕНТАР „ПОРАКА“ ПО СМРТТА НА 19-ГОДИШНАТА БИТОЛЧАНКА СО ДАУНОВ СИНДРОМ

    ЛИЦАТА СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ ДА ДОБИЈАТ ПРИОРИТЕТ ПРИ ВАКЦИНАЦИЈАТА, БАРААТ ОД РЕГИОНАЛНИОТ ЦЕНТАР „ПОРАКА“ ПО СМРТТА НА 19-ГОДИШНАТА БИТОЛЧАНКА СО ДАУНОВ СИНДРОМСо оглед на последиците кој коронавирусот ги предизвикува кај лицата со попреченост, потребно е овие лица да добијат приоритет при остварување на здравствена заштита. (Фото: СДК.МК)

    Лицата со интелектуална попреченост да добијат приоритет во имунизацијата по претходно спроведена детална анализа на здравствената состојба, бараат од Регионалниот центар „Порака“, по последниот смртен случај на 19-годишната девојка со Даунов синдром во Битола. Тие со допис до Министерствата за здравство и труд и социјална политика и Народниот правобранител побараа да преземат дополнителни итни мерки со кои ќе осигураат соодветна здравствена заштита во услови на пандемија со коронавирусот за оваа ранлива категорија на граѓани.

    „Во овој период кога е актуелна имунизацијата против ковид-19, потребно е вклучување на лицата со интелектуална попреченост како приоритетна група во масовната вакцинација на населението, на што задолжително треба да претходи детална анализа на здравствената состојба, а со тоа и избор на тип на вакцина“, посочуваат од Регионалниот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост.

    Од Центарот велат дека имајќи ја предвид нарушената општа здравствена состојба и слабиот имунитет кај повеќето лица со интелектуална попреченост, а со оглед на последиците кој коронавирусот ги предизвикува, потребно е овие лица да добијат приоритет при остварување на здравствена заштита (прегледи, третмани, интервенции, лекарства и хоспитализација) во време на пандемија.

    „Воедно, да се обезбеди придружник при хоспитализација на лице со интелектуална попреченост, без ограничување на возраста, со цел успешно да се оствари потребната здравствена заштита. Ова е особено важно поради ограничената можност и потешкотии во комуникацијата кај лица со потежок степен на интелектуална попреченост“, пишува во соопштението.

    Тие потсетуваат дека Република Северна Македонија ја има ратификувано Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во 2011 година, па државата е должна да обезбеди највисок достапен стандард на здравствена заштита за нив без дискриминација врз основа на попреченост.

    Денеска и Народниот правобранител ѝ препорача на Владата да изврши измена на постојниот Национален план за вакцинација против ковид-19 и во приоритетни групи да се опфатат лицата со попреченост, давателите на услуги за поддршка на овие лица, без разлика дали тоа се членови на нивното семејство или се ангажирани лица задолжени за давање грижа, нега, третман, рехабилитација, образование и како и лица кои им пружаат услуги на лична асистенција. Истовремено, Народниот правобранител бара вакцинациите да бидат дистрибуирани правично, и дава препораки како да се олесни процесот на вакцинација на овие лица.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира