ЛОГА НЕ Ѝ ДАЛ ОВЛАСТУВАЊЕ НА ЗАМЕНИЧКАТА ДА СЕ ПОТПИШЕ НА ИЗМЕНИТЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК, НО ВЕЛИ ДЕКА ОДГОВОРНОСТА СЕКАКО Е КАЈ ПРАТЕНИЦИТЕ КОИ ГИ ИЗГЛАСАЛЕ

    ЛОГА НЕ Ѝ ДАЛ ОВЛАСТУВАЊЕ НА ЗАМЕНИЧКАТА ДА СЕ ПОТПИШЕ НА ИЗМЕНИТЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК, НО ВЕЛИ ДЕКА ОДГОВОРНОСТА СЕКАКО Е КАЈ ПРАТЕНИЦИТЕ КОИ ГИ ИЗГЛАСАЛЕ„Одговорноста е кај Собранието, кое што ги изгласало овие измени“, кажа Лога. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за правда Кренар Лога не ѝ дал овластување на неговата заменичка Викторија Аврамовска-Мадиќ да стави потпис на законот со кој се изврши упад во Кривичниот законик за да се амнестираат сите предмети на СЈО со корупција од ВМРО-ДПМНЕ, но и на Рашковски од СДСМ, на Рамиз Мерко од ДУИ, и на други корумпирани високи функционери.

    Но, нема ни да ѝ поднесе пријава за злоупотреба на функцијата, зашто според него, имала право да поднесува закони до Собранието кога тој бил физички отсутен од Македонија или од владините седници. Вели, Законот за Влада ѝ го давал тоа право, каде било пропишано дека во отсуство на министерот, заменикот или заменичката ги извршувале министерските работи.

    На дополнителна новинарска констатација дека не може заменик-министер да предлага закони без овластување и без знаење на министерот (нешто кое го предаваат професорите на Правниот факултет), Лога кажа дека ако целата Влада стоела зад тој предлог, а застанала, заменичката всушност со тоа добила овластување да го поднесе законот.

    На прашање дали ова значи дека позади неговиот грб заменичката може и да помилува осудени лица, да потпишува исплати и да носи големи одлуки без негово овластување, како што е амнестирањето на предметите против Груевски и соработниците, Лога одговори:

    „Јас не се согласувам со овие квалификации. Но и да е вака како што зборите, одговорноста е кај Собранието, кое што ги изгласало овие измени“.

    Лога испушти можност да ги увери јавноста дека не знаел и нема врска со кратењето на казните во предметите на СЈО, со цел да застарат веднаш.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира