Не гледам како Законот за унапредување на јазиците би бил причина за одложување на локалните избори, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.
„Законот е усогласен и тој ќе оди како дел од пакетот закони кои што треба да се достават до Собранието. За одредбите што се однесуваат за парите и за униформите ќе треба да даде мислење Венецијанската комисија. Технички се работите, тоа е работа на владата, но, нема причина тој закон да не дојде до Собрание“, рече Тунтев на прес-конференција во Собранието, откако претходно денеска Движењето Беса обвини дека со недонесувањето на Законот за јазиците, власта сака да ги одложи локалните избори.
Координаторот на СДСМ Тунтев вели дека избори ќе има на 15 октомври, и дека претседателот на Собранието треба да ги распише изборите на 6 август.
„Нема да одиме на одмор додека не се разреши јавниот обвинител Марко Зврлевски. Прифативме да се расправа за нивниот предлог опозицијата да го именува јавниот обвинител, и прво да завршиме со ребалансот на буџетот и другите точки и потоа да се гласа за разрешување на Зврлевски“, додаде Тунтев.
Г. ТРПЕНОСКИ