Пратеничката на опозициската СДСМ Сања Лукаревска побара оставка од гувернерот на Народната банка Трајко Славески за време на собраниската надзорна расправа посветена на „Алта банка“. Според неа, повлекувањето од функцијата е најмалку што Славески може да го направи веднаш за општо добро, бидејќи наместо да ја штити, тој ја разнишал довербата во целиот банкарски сектор.
Лукаревска рече дека одобрението за купување на „Стопанска банка АД Битола“ претставува директна одговорност на гувернерот во загрозувањето на работењето на банката, спротивно на законските прописи и спротивно на забелешките испратени од австрискиот надзорен орган на финансискиот пазар.
Гувернерот Славески, говорејќи за продажбата на „Стопанска банка Битола“ на српската „Алта банка“, рече дека финансиската позиција на потенцијалниот акционер била предмет на длабинска и сеопфатна проверка. Тој кажа дека детално биле проверени и средствата за купување на акциите, кои потекнуваат директно од редовното работење на белградската банка.
Славески рече дека во процесот на лиценцирање биле запазени сите чекори и постапки што ги налага законската регулатива. Врз основа на официјално доставената документација, барана согласно домашните закони и подзаконски акти, бил целосно утврден идентитетот на барателот, сопственичката структура и крајниот сопственик. Тој додаде дека Народната банка остварила директна соработка и комуникација со сите надлежни домашни и странски државни органи и институции, меѓу кои судовите, регистрите, управите, министерствата и Управата за финансиско разузнавање.



