МАЈКА НА 17-ГОДИШНА ЖРТВА ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“ ГИ ПОКАЖА МОДРИТЕ ВЕНИ ОД ИНФУЗИИ ОТКАКО ОБВИНЕТИОТ ГАЗДА НА ОБЈЕКТОТ ПОБАРА ПРЕКИН НА СУДЕЊЕТО ОТИ НЕ МУ БИЛО АРНО

    МАЈКА НА 17-ГОДИШНА ЖРТВА ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“ ГИ ПОКАЖА МОДРИТЕ ВЕНИ ОД ИНФУЗИИ ОТКАКО ОБВИНЕТИОТ ГАЗДА НА ОБЈЕКТОТ ПОБАРА ПРЕКИН НА СУДЕЊЕТО ОТИ НЕ МУ БИЛО АРНОAдвокатката на обвинетиот газда на објектот - поранешен производствен погон, Гроздан Милковски, побара судењето да се прекине, зашто од здравствени причини денеска тој судењето го преседе надвор од судницата. (Фото: СДК.МК)

    Преживеаното девојче Сара Велинова, која се онесвестила за време на пожарот во кочанската дискотека „Пулс”, и за среќа потоа се разбудила надвор на паркингот, речиси задушена, кажа дека плафонот на диското баш над бината и баш над огнените прскалки, бил спуштен.

    Како и претходните сведоци, и таа направи разлика од пред реновирањето, кога плафонот бил повисок.

    Претходно и други сведоци го кажаа тоа, што за дел од адвокатите беше сомнително, зашто, како што рекоа, некој ги инструира што да кажуваат.

    „По заклетвата што ја даваат, Судот ги опоменува сите сведоци дека за лажно сведочење се одговара кривично. Како што вие си ги спремате вашите клиенти, обвинетите и сведоците, така и Обвинителството има право да ги спрема сведоците што ги предлага”, рече судијката Дијана Груевска-Илиевска.

    20-годишната Сара рече дека не се сеќава дека некој давал насоки за движење и евакуација, додека барала спас кон излезот.

    По ова сведочење, адвокатката на обвинетиот газда на објектот – поранешен производствен погон, Гроздан Милковски, побара судењето да се прекине, зашто од здравствени причини денеска тој судењето го преседе надвор од судницата, со негова согласност.

    Родителите гласно реагираа, судијката даде само пауза.

    Родителка на 17-годишна жртва во катастрофалниот пожар ги крена ракавите и ги покажа модрите вени од инфизии.

    „Сабајле ми ја откачија инфузијата за да дојдам на судењето. Не сум во добра здравствена состојба, видете ми ги рацеве. Попладне се враќам во болница. Моето 17-годишно дете е во гроб, а овој возрасен човек кој ќутеше додека газда Деко му ги полнеше џебовите, бил неарен и бара прекин на денешното судење”, реагираше мајката.

    И момчето Бранислав Веселинов сведочеше дека на 16 март лани отишол на концертот на ДНК откако купил карта и не добил фискална сметка, исто како што сведочеа и други преживеани гости.

    Не се сеќава дали видел обезбедување таа вечер и дали имало лице кое ги насочувало луѓето по избивањето на пожарот.

    Тој раскажа како настанало стампедото кое го сомлело, но му подало рака некое дете кое подоцна му било цимер во болницата.

    Сведокот имал изгореници на левата рака, на прстите, на ушите и носот. Некоја жена го собрала по пат и го однела во болница. Бил во кочанската, па во штипската и на крај завршил на Клиника во Скопје.

    За сите овие сведоци изгорени и неизгорени, сепак, најживотозагрозувачки се задушувањето од црниот чад и тешкотиите во дишењето таа вечер и особено компликациите што се јавиле по неколку недели.

    Како редовен гостин, и тој го забележал спуштениот плафон во 2024 година, како и тоа дека често во тој ризичен простор била палена пиротехника.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира