Реагенсите за испитување на новиот коронавирус денеска треба да пристигнат во Македонија, со што веќе нема да има потреба крвните анализи да се испраќаат во Ниш, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека Македонија во моментов располага со 40.000 маски, скафандери и специјални мантили, што е доволна бројка.
„Се обезбедуваме ништо да не може да нѐ изненади во случај да има голема бројка заразени, така што има доволно опрема за вакви ситуации. Изминативе денови се правеше анализа со колку лекови, опрема, материјал и друго располагаме. За почеток, имаме доволно количини, но ќе се пристапи кон набавка на нови за да се обезбедиме за ситуација ако има повеќе заболени“, изјави Филипче.
Нема информации дека оние кои неодамна биле во Кина покажуваат какви било симптоми на коронавирусот, па, како што рече Филипче, ситуацијата моментално е целосно под контрола.
Неколку европски држави, како Германија, Франција, Италија, Велика Британија и Шведска, веќе ги пријавија првите случаи на коронавирусот, додека први смртни случаи надвор од Кина имаше во Филипини и Хонгконг. Според последните информации, вирусот досега убил 426 луѓе, а повеќе од 20.000 се заразени.