МАКЕДОНИЈА ГО ДОБИ АРБИТРАЖНИОТ СПОР ПРОТИВ ИНВЕСТИТОРОТ НА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛ И НЕМА ДА ПЛАТИ ОТШТЕТА ОД 115 МИЛИОНИ ЕВРА, КАЖА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ НИКОЛОСКИ

    МАКЕДОНИЈА ГО ДОБИ АРБИТРАЖНИОТ СПОР ПРОТИВ ИНВЕСТИТОРОТ НА РУДНИКОТ КАЗАНДОЛ И НЕМА ДА ПЛАТИ ОТШТЕТА ОД 115 МИЛИОНИ ЕВРА, КАЖА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ НИКОЛОСКИОд протест против изградбата на рудникот „Казандол“ во Валандово во декември 2017. (Фото: СДК.МК)

    Македонија го доби арбитражниот спор со дел од инвеститорите од рудникот Казандол во Валандово и заштеди 115 милони евра, рече на денешната прес-конференција вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој е и претседател на координативното тело на Владата за арбитражни спорови.

    „Државата беше тужена од страна на неколку инвеститори во рудникот Казандол во Валандово. Нивното барање беше оштета од 115 милиони евра и можам со гордост да кажам како претседател на координативното арбитражно тело на Владата, дека овој случај го добивме. Сите 11 основи по кои што беше тужена државата се одбиени, и заштедени се 115 милиони евра, потенцијална оштета која што требаше државата да ја плати во овој случај“, рече Николоски.

    Владата соопшти дека Арбитражниот трибунал донесе пресуда на 21 јули, со која утврди дека неосновани се сите тужбени барања и истите ги одби во целост.

    Николоски кажа дека претходната влада овој случај го затворила во 2023 и се согласила државата да ја плати оштетата кон инвеститорите од 115 милиони евра.

    „Морам да потенцирам дека случајот не беше лесен, имајќи предвид дека претходната Влада веќе го имаше затворено случајот со завршни зборови кои што се случиле на 18. јануари 2023 година. Но по доаѓањето на оваа Влада, ние побаравме случајот повторно да се отвори и истиот беше отворен на 28 јануари оваа година. Кога тужителите сфатија дека не им се добри работите, понудија спогодба со Владата на помала сума, таа варираше од 35-48 милиони евра. Ние таа спогодба ја одбивме, затоа што бевме убедени во нашите аргументи и тоа излезе точно, односно го добивме овој случај и Македонија нема да плати ниту евро во случајот Казандол, рече Николоски.

    Концесијата за рудникот Казандол беше дадена од владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски во 2014. Владата на Груевски на седница во 2014 донесе одлука да се издаваат концесии за проспекциски геолошки истражувања за металични минерални суровини речиси за цела источна Македонија. Во одлуката објавена во Службен весник на 30 септември, 2014 и потпишана од тогашниот вицепремиер Владимир Пешевски, стои дека Владата дозволува да се прават истражувања во дури 22 општини од Источна Македонија за да се откријат нови локалитети – перспективни за понатамошни детални геолошки истражувања како и за откривање на нови наоѓалишта на металични минерални суровини.

    Во август 2017, по иницијатива на „Спас за Валандово“, во Валандово се одржа референдум за стопирање на изградбата на рудникот „Казандол“, но не успеа поради недоволна излезност како и поради опструкциите од локалната власт и градоначалникот од редовите на ВМРО-ПМНЕ. Претходно имаше успешни референдуми против Казандол во Дојран и Богданци. Потоа, шестмина Украинци, прес сè од фамилијата Скубенко, поднесоа тужбено барање од 77 милиони евра, во врска со концесија за експлоатација на бакар, злато и сребро во локалитетот Казандол, кај Валандово, Богданци и Дојран. Постапката е покрената по референдумот во 2017 година, кога локалните жители изгласаа да се стопира работата на рударскиот комплекс Казандол.

    Во март 2018, тогашниот премиер Зоран Заев кажа дека Владата донела одлука еднострано да го раскине договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини со украинската фирма „Сардич МЦ“ за локалитетот Казандол во општините Валандово, Богданци и Дојран. Како што кажа Заев, концесионерот не го исполнил условот од договорот во рок од две години од добивање на концесијата да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда. Тогаш концесионерот „Сардич МЦ“ најави тужба пред арбитражниот суд во Вашингтон и дека ќе бара отштета од 380 милиони евра.

    Коментирајќи ја денешната прес-коференцијата на Николоски, Фатмир Битиќи, поранешниот вицепремиер за екномски прашања во владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, на Фејсбук објави:

    „Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада. И затоа, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност“.

    Николоски изрази сомнеж дека арбитражните спорови во изминатите години се решавале на штета на државата.

    „Откако го предводам ова тело, во координација со премиерот Мицкоски и со членовите на Владата, доста активно работиме на отворените арбитражи против државата и би сакал да изразам сомнеж, затоа што немам повеќе од сомнеж во моментов. Дали овие арбитражни спорови против Македонија биле отворани само затоа што така мислеле инвеститорите или имало некаков договор со одредени членови во Владата и како тоа наеднаш успеваме ние да ги добиваме, а претходно беше убедувана јавноста дека истите ќе бидат изгубени?”, рече Николоски.

    Во 2023 беше објавено дека седум арбитражни постапки против Македонија се во тек пред Арбитражниот суд во Париз, со вкупни побарувања од тужителите од 1,3 милијарди евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира