МАКЕДОНИЈА ЌЕ СТАНЕ ЧЛЕНКА НА НАТО НАЈДОЦНА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА ИЛИ НА ПОЧЕТОК НА ЈАНУАРИ, РЕЧЕ ЏАФЕРИ НА РОС-РОТ СЕМИНАРОТ

    МАКЕДОНИЈА ЌЕ СТАНЕ ЧЛЕНКА НА НАТО НАЈДОЦНА ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАВА ИЛИ НА ПОЧЕТОК НА ЈАНУАРИ, РЕЧЕ ЏАФЕРИ НА РОС-РОТ СЕМИНАРОТПремиерот Зоран Заев во говорот на семинарот РОС-РОТ во Собранието рече дека одлуката на Советот на ЕУ е јасен патоказ за иднината на државата и стимул да се продолжи да се работи на реформите за постигнување на крајната цел членство во ЕУ и НАТО. (Фото: СДК.МК)

    Одлуката на Советот за општи работи на Европската унија за добивање датум за преговори во јуни 2019 година треба да биде мотивирачки за да се направи се што е потребно, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на отворањето на РОС-РОТ семинарот во парламентот.

    „Не треба да влијае фактот дека се одложува почетокот, бидејќи датумот се определува, а тоа е јуни следната година. Тоа треба да биде мотивирачки за сите нас, да ги направиме сите подготовки за во најкраток рок да ги затвориме поглавјата“, одговори Џафери на прашање на пратеничка од Албанија.

    Претседателот на Собранието Џафери, е убеден дека договорот за спорот за името со Грција потпишан од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас најдоцна до крајот на годинава ќе биде имплементиран од двете страни во целост, и Македонија во декември оваа година или на почетокот на јануари идната година ќе стане триесетта полноправна членка на НАТО.

    Премиерот Зоран Заев во говорот рече дека одлуката на Советот на ЕУ е јасен патоказ за иднината на државата и стимул да се продолжи да се работи на реформите за постигнување на крајната цел членство во ЕУ и НАТО.

    Претседателот на Парламентарното собрание на НАТО Паоло Али, рече дека се надева оти и Алијансата ќе го следи примерот на ЕУ. Тој го поздрави договорот со Грција, потенцирајќи дека тоа е досега невиден напредок во односите на двете земји.

    На семинарот учествува и Џејмс Пердју, поранешен заменик помошник на генерaлниот секретар на НАТО и олеснувач за време на конфликтот во 2001 година. Тој во говорот Република Македонија ја нарекуваше со новото име, република северна Македонија.

    Во Собранието се одржува тридневен семинар РОС-РОТ посветен на Евроатланската интеграција на Западен Балкан: зајакнување на европскиот мировен проект.

    На него учествуваат претставници од земјите од Западен Балкан, министри, амбасадори и поранешни функционери на ЕУ. Семинарот е организиран од парламентарното собрание на НАТО во соработка со македонскиот парламент.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира