МАКЕДОНИЈА НА ВТОРО МЕСТО ПО СМРТНОСТ НА НОВОРОДЕНЧИЊА ВО ЕВРОПА

    МАКЕДОНИЈА НА ВТОРО МЕСТО ПО СМРТНОСТ НА НОВОРОДЕНЧИЊА ВО ЕВРОПАДенес во Њујорк и во целиот свет УНИЦЕФ ја почнува кампањата „За секое дете, Живот“, како дел од заложбата на владите смртноста на новороденчињата да стане минато. Мерките што треба да ги перземат сите влади е да обезбедат соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ целата земја. - Бенџамин Перкс, постојниот претставник на УНИЦЕФ

    Македонија е на второ место во Европа по смртност на новороденчиња, а на 105 место во светот со средна стапка на неонатална смртност од 8,3 на 1.000 живородени. Според овие бројки 1 од 120 живородени бебиња ќе умре во текот на првите 28 дена од животот.

    Според податоците од УНИЦЕФ на светско ниво според стапката на смртност пред нас се африкански и азиски земји, додека сите балкански земји имаат пониска стапка на смртност. Словенија пак е меѓу првите пет земји во светот со најниска неонатална смртност.

    „Нашата земја има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа. И додека таа е во опаѓање во другите земји од Западен Балкан-овде е зголемена. Тоа не мора да биде така. На овие бебиња можеме да им дадеме повеќе од еден ден, повеќе од еден месец – повеќе од опстанок. Можеме да ги спасиме повеќето од нив преку финансиски прифатливи, квалитетни решенија на здравствена заштита за секоја мајка и секое новороденче“, вели Бенџамин Перкс, постојаниот претставник на УНИЦЕФ во земјава.

    Тој вели дека стапката на смртност кај новороденчињата е одраз не само на ефикасноста на здравствениот систем, туку и на развиеноста, сиромаштијата и социјалната благосостојба, стапките на заболувања и квалитетот на животната средина.

    Денес во Њујорк и во целиот свет УНИЦЕФ ја почнува кампањата „За секое дете, Живот“, како дел од заложбата на владите смртноста на новороденчињата да стане минато. Мерките што треба да ги прeземат сите влади е да обезбедат соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ целата земја.

    „Тоа особено се однесува за руралните жени, кои често се најоддалечени од здравствените служби. Затоа треба да се обезбеди пристап и брз трансфер во одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации. Во земјава има одлични здравствени работници. Но, лекарите и медицинските сестри се добри само колку што е добар системот во кој работат. Не само што треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на податоци кои ги има во повеќето европски здравствени системи, туку и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применуваат“, вели Перкс.

    Тој додава дека претходните неколку години акцентот беше ставен на реновирање и опремување на болниците, но дека државата треба да вложува во човечкиот капитал за да ја добијат граѓаните потребната грижа.

    „Потребен ни е систем во кој квалитетот и темелноста ќе се наградуваат, а негрижата ќе се повикува на одговорност“, вели Перкс.

    Тој смета дека треба да се преземат мерки и во однос на ризик факторите во текот на бременоста, кои влијаат на тоа дали новорoденчето ќе биде здраво или не.

    „Во земјава, скоро секоја четврта жена пуши за време на бременоста. Ова го зголемува ризикот од повеќе негативни здравствени исходи поврзани со бременоста, вклучувајќи и ниска родилна тежина, неонатална смртност, мртвороденче и предвремено породување“, вели Перкс.

    Според УНИЦЕФ идните мајки треба да бидат подобро информирани за знаците и симптомите на опасност и за ризиците при трудовите и породувањето, а најдобар начин тоа да се постигне е преку јакнење на свеста на граѓаните да бараат и да добијат квалитетна здравствена заштита.

    „УНИЦЕФ заедно со Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на ОН (УНФПА) ќе ги поддржи владата и народот во исполнување на вроденото право на секое дете на живот“, вели Перкс.

    Стапката на смртност кај новороденчињата во светот и натаму е алармантно висока, особено меѓу најсиромашните земји во светот, стои во новиот извештај на УНИЦЕФ. Бебињата родени во Јапонија, Исланд и Сингапур имаат најдобри шанси за преживување, а новороденчињата во Пакистан, Авганистан и Централноафриканската Република се соочуваат со најлоши изгледи.

    „Иако бројот на смртни случаи кај децата под петгодишна возраст е повеќе од преполовен во последниве 25 години, не е постигнат сличен напредок во надминувањето на смртните случаи кај децата помали од еден месец. Со оглед на тоа што поголемиот дел од овие смртни случаи може да се спречат, јасно е дека ги изневеруваме најсиромашните деца во светот.“, изјави Хенриета Х. Фор, извршниот директор на УНИЦЕФ.

    Глобално, во земјите со низок приход, просечната стапка на смртност кај новороденчињата изнесува 27 смртни случаи на 1.000 деца, а во земјите со висок приход, таа стапка е 3 смртни случаи на 1.000. Новороденчињата од најризичните места за породување имаат до 50 пати повеќе шанси да умрат од оние во најбезбедните места.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира