Европскиот комитет за социјални права (ЕЦСР) при Советот на Европа направи евалуација како Македонија ја спроведува Европската социјална повелба, која што земјата ја ратификуваше во 2012 година. Според извештајот за Македонија, презентиран денеска во Стразбур, Македонија е усогласена со 9 поглавја од повелбата, а не е усогласена со 13.
Во извештајот на ЕЦСР се вели дека Македонија е усогласена со регулацијата во однос на заштитата на децата, заштитата на мајчинството, одредени работнички права на мигрантите и на правото на организација на работниците.
Земјата не е усогласена со регулацијата во однос на минимална возраст за работа на децата, големиот број работни часови на мајките, социјалната и економската заштита на семејствата и мајките и децата, како и на некои работнички права на мигрантите
Од ЕЦСР нагласуваат дека Македонија сама избрала да не се усогласи со одредени секции од повелбата, во врска со одредени работнички права на мигрантите, како и во врска со балансот на работа и живот за оние со семејства.
Извештајот е за периодот од 1 јануари 2018 година до 31 декември 2021 година.
Европската социјална повелба е конвенција на Советот на Европа од 1961 година, ревидирана во 1996 година. Конвенцијата беше донесена како поддршка на Европската конвенција за човекови права, која што примарно се однесува на граѓански и економски права, за да се прошири опсегот на основните заштитени права и на социјалните и економските права.