(Специјално од Брисел: Светлана ЈОВАНОВСКА)
Ако се реализира предлогот на седумте земји членки на ЕУ кои бараат за прашања од надворешна политика и безбедност во Унијата да се гласа со квалификувано мнозинство наместо едногласно, Северна Македонија нема повеќе да стравува од вето од Бугарија. Проширувањето на ЕУ е дел од европската политика за надворешна политика и безбедност, потврди денес европски извор за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Сепак, квалификуваното мнозинство има свои правила што значи дека земјата што блокира може да најде сојузници и сепак да стави вето заедно со други земји членки.
Како што објави денеска САКАМДАКАЖАМ.МК, седум министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ денес објавија текст во порталот Политико. Тие предлагаат за прашања од надворешна политика и безбедност во ЕУ да се гласа со квалификувано мнозинство наместо со консензус. Текстот е потпишан од министрите за надворешни работи на Германија, Белгија, Луксембург, Холандија, Романија, Словенија и Шпанија. Според нив, примената на овој предлог нема да значи промена на Европските договори и ќе придонесе за зголемена ефикасност во одлучувањето ЕУ особено во ситуации на криза, како што е реакцијата за руската агресија врз Украина.
На листата на чекање се наоѓаат осум земји кандидати. Освен Македонија, на списокот се Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Украина, Молдавија и Турција.
Ветото ги спречува другите земји членки да напредуваат во области што ги сметаат за значајни. Тоа е причината за постоење на гласање со квалификувано мнозинство. Тој систем мора да исполни два критериуми. Предлогот што се гласа мора да мора да биде поддржан од 15 од 27 држави членки а овие држави мора претставуваат најмалку 65% од населението на Европската унија. Области за кои веќе одамна се гласа со квалификувано мнозинство се земјоделството, животната околина или дигиталната политика. Но надворешната политика и безбедноста, како и политиката на оданочување или одбрана, остануваат предмет на едногласност.
Огромен број земји членки сметаат дека овие области се од национална важност за земјите и бараат право да кажат не на некој предлог.
И покрај тоа што повеќе земји членки се противат на укинување на едногласноста во одлучувањето (Естонија, Литванија, Летонија, Шведска, Финска, Данска, Полска, Чешка, Хрватска, Бугарија), некои од нив се големи поддржувачи на проширувањето.
На почетокот на оваа година Европскиот парламент (ЕП) ги повика земјите-членки да се префрлат на квалификувано мнозинство во сите области на надворешната и безбедносната политика вклучително и проширувањето.
Но и глобалните санкции на ЕУ за човекови права или рестриктивни мерки и други инструменти поврзани со руската војна. ЕП смета дека едногласноста треба да остане на сила за креирање и распоредување на воени мисии или операции во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика.
Пречка за преоѓање на квалификувано мнозинство би можело да биде токму сегашното правило за едногласност. Имено, за да може предлогот на седумте земји за укинување на едногласноста да се усвои, потребна е едногласност. Но постои и друго правило кое датира од 2016 година кое го носи француското име “passerelle” што може да се преведе како „мост“, Накратко, оваа одредба и овозможува на ЕУ да се префрли од едногласност кон квалификувано мнозинство во прашањата на надворешната и безбедносна политика доколку Европскиот совет го поддржи таквиот потег.