И МАКЕДОНИЈА ПРОТЕРА РУСКИ ДИПЛОМАТ ПОРАДИ СЛУЧАЈОТ СКРИПАЛ

    И МАКЕДОНИЈА ПРОТЕРА РУСКИ ДИПЛОМАТ ПОРАДИ СЛУЧАЈОТ СКРИПАЛОдлуката е донесена во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО, велат од МНР. - Министерството за надворешни работи (Фото: СДК.МК)

    Македонија протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија поради случајот Скрипал, соопшти Министерството за надворешни работи. Како што велат од МНР, одлуката е донесена во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

    Од МНР велат и дека користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји.

    Од Руската амбасада во Скопје велат дека Македонија ќе ги сноси последиците од ваквиот чекор.

    „Исклучително непријателски и со ништо неоправдан чекор кој што е без преседан во руско-македонските односи. Одговорноста за последиците лежи целосно на македонската страна“, реагираше Руската амбасада во Скопје на Твитер.

    Британскиот амбасадор во Скопје Чарлс Гарет го поздрави потегот на Македонија.

    „Го поздравуваме овој одговор на Македонија како дел од исклучителната, обединета акција на меѓународната заедница на рускиот напад со нервен гас на британско тло. Моќен доказ за солидарноста“, твитна Гарет.

    Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп нареди протерување на 60 руски дипломати од САД, како реакција на нападот врз поранешниот шпион Сергеј Скрипал со нервен гас во Англија.

    „На 4 март, Русија употреби воен нервен гас во обид да убие британски државјанин и негова ќерка во Салисбери. Овој напад врз нашиот сојузник Велика Британија доведе во опасност неброено многу невини животи и сериозно повреди тројца, вклучувајќи полицаец. Овој напад претставува тешко кршење на Конвенцијата за хемиско оружје и на меѓународни закони“, стои во соопштението на Стејт департментот.

    Германија и Канада, исто така, денеска протераа по четири руски дипломати, а Велика Британија претходно протера 23 руски дипломати.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира