МАКЕДОНИЈА СЕ СООЧУВА СО НАЈДЛАБОКА РЕЦЕСИЈА ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ДЕЦЕНИИ, ИАКО ВЛАДАТА ГО УБЛАЖИ ВЛИЈАНИЕТО ОД КРИЗАТА, ВЕЛИ СВЕТСКА БАНКА

    МАКЕДОНИЈА СЕ СООЧУВА СО НАЈДЛАБОКА РЕЦЕСИЈА ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ДЕЦЕНИИ, ИАКО ВЛАДАТА ГО УБЛАЖИ ВЛИЈАНИЕТО ОД КРИЗАТА, ВЕЛИ СВЕТСКА БАНКАСтапката на невработеност во Македонија се зголеми на 16,7 отсто, за првпат од 2011 година. - Агенција за вработување (Фото: СДК.МК)

    Македонија се соочува со најдлабока рецесија во изминатите две децении, со влијание врз сите сектори на економијата, откако ковид-19 пандемијата силно ја погоди земјата, со ограничување на движењето, нарушени синџири на снабдување и продолжена неповолна епидемиолошка состојба, кои влијаат на веќе и онака неповолните економски изгледи во земјата, се вели во Редовниот економски извештај за земјите од Западен Балкан на Светска банка (СБ). Проекцијата на СБ за 2020 година е економската активност во земјата да се намали за 4,1 отсто.

    Од СБ додаваат дека сите земји од Западен Балкан се погодени и се соочуваат со рецесија, па регионалниот раст се предвидува да се намали за 4,8 отсто во 2020 година, што е за 1,7 отсто поени пониско од априлската проекција.

    „Вториот, посилен бран на пандемијата што почна во средината на јуни, го забави закрепнувањето во регионот. Ограничувањата на патувањата и мерките за социјално дистанцирање исто така придонесоа за намалувањето на растот во оние земји што се
    повеќе зависни од туризмот“, се вели во извештајот на СБ.

    Од СБ нотираат дека стапката на невработеност во Македонија се зголеми на 16,7 отсто, за првпат од 2011 година, иако Владата го ублажи влијанието од кризата врз пазарот на труд, откако во вториот квартал од годината 17.690 лица ги загубија своите работни места.

    „Програмите за поддршка на Владата, исто така, помогнаа во ублажување на влијанието врз работниците и фирмите, но фискалниот простор се стесни бидејќи долот надмина 60 проценти од БДП. Бидејќи крајот на економската криза е несигурен, притисоците врз пазарот на трудот и врз приходите веројатно ќе продолжат уште неколку месеци“, велат од СБ.

    Сепак, краткорочните изгледи за Северна Македонија се позитивни, велат од СБ, но доминираат надолните ризици, бидејќи пандемијата сè уште не е завршена.

    „Фазата на сузбивање на пандемијата сé уште не е завршена и продолжената пандемија, заедно со сé уште важечките мерки за социјално дистанцирање може уште повеќе да го одложи закрепнувањето“, кажа Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира