Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека Македонија треба да му исплати обештетување од 9.000 евра на трансродово лице, затоа што му е повредено правото на приватност и правото на ефикасен правен лек во текот на процедурите за промена на полот во земјава. Ова е првиот случај пред судот во Стразбур за трансродово лице од Македонија, односно лице кое чувствува дека неговиот род не соодветствува со полот во кој што е роден.
Според образложението на пресудата, станува збор за лицето „Икс“, кое сака да остане анонимно, родено во 1987 во Македонија како девојче и кое од најрано детство тој се доживува како машко. Во 2010, „Икс“ ја започнува постапката за менување на полот, со што за него почнуваат правните и административните замки кои ќе го наведат, неколку години подоцна, со поддршка на Коалицијата Маргини, да ја тужи државата во Стразбур. Во клиника во Белград специјализирана во овие прашања, „Икс“ се консултирал со психолог и со сексолог кои кај него „дијагностицирале транссексуалност“, а почнал и хормонска терапија за да ја зголеми стапката на тестостерон во организмот, која во 2013 ја надополнил со операција за отстранување на дојките.
Но, при неговото враќање во Македонија и покрај фактот што Министерството за внатрешни работи прифатило да му биде сменето името во личните документи, ознаката за пол останала „женски“, затоа што процедурата за менување на оваа ознака во Македонија се прави според различен закон од оној за промена на името.
„Во Македонија, законите не се јасни кога станува збор за промена на пол. Не постои експлицитна забрана, има можност да се поправи грешка во документите, според законот за матична евиденција, но без повеќе појаснувања за документите“, изјави за МИА адвокатка Наташа Бошкова, која го води овој случај пред Судот во Стразбур.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди во корист за трансродовото лице врз основа на правото на почитување на приватниот и семеен живот, кое во случајов е прекршено поради недостиг на законска рамка која ќе овозможи остварување на ова право.