Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше домаќин на бугарскиот колега Иван Демерџиев во пресрет на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев на 4 февруари. По средбата, двајцата министри кажаа дека ги преземаат сите неопходни мерки за да осигураат мирно чествување и дека нема да дозволат инциденти.
„Оваа средба ја реализираме на неколку дена пред чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари, во услови на зголемени тензии и различни најави за евентуално нарушување на јавниот ред и мир. Сакам да потенцирам, да упатам јасна порака дека македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и дека апсолутно нема да дозволиме никаков инцидент, односно ќе имаме чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев“, кажа Спасовски.
Демерџиев исто така кажа дека бугарското МВР ќе ги преземе сите мерки за да се избегнат провокации на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев.
„Работиме превентивно за да нема проблеми. Ќе направиме се’ што е неопходно од бугарска страна за чествувањето да помине како што треба. Да не дозволиме поединци да палат оган таму каде што го нема”, кажа Демерџиев.
Средбата на двајцата министри за внатрешни работи беше договорено во петокот за време на телефонскиот разговор на премиерите Димитар Ковачевски и Галаб Донев, кои се слушнаа по нападот секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.
За одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев се најавува присуство на бугарски граѓани, но и блокади во Македонија, на патот од Софија за Скопје, како и во црквата „Св. Спас“.