МАКЕДОНСКИОТ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ НЕ СЕ ПОЈАВИ ВО СУДОТ ВО КЕЈП ТАУН ЗА УБИСТВОТО НА СВОИТЕ ДЕЦА ОТИ ПРОБАЛ ДА СЕ САМОУБИЕ

    МАКЕДОНСКИОТ ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ НЕ СЕ ПОЈАВИ ВО СУДОТ ВО КЕЈП ТАУН ЗА УБИСТВОТО НА СВОИТЕ ДЕЦА ОТИ ПРОБАЛ ДА СЕ САМОУБИЕТелата на тригодишните близнаци ги пронашла мајката во куќата за одмор во Принсес Роус, изнајмена од македонскиот почесен конзул во Барселона Марио Деус. (Фото: Њуз24/Фејсбук)

    Македонскиот почесен конзул Марио Деус, кој е осомничен за убиство на своите тригодишни близнаци, не се појави вчера во судот во Кејп Таун, Јужна Африка, бидејќи бил во болница со сериозни повреди на стомакот по обидот да се самоубие во затворската келија, објавија локалните медиуми. Пред судот, неговиот адвокат Вилијам Бут потврди дека Деус е повреден, но не го искоментира обидот за самоубиство, пренесе јужноафриканскиот портал „Њуз24“.

    Стоматологот Деус, кој е почесен амбасадор на Македонија во Барселона, е обвинет за две убиства и кражба на возило. Неговата поранешна сопруга Џулија Енџелхорн ги пронашла телата на нивните близнаци Максимо и Октавија во изнајмена куќа за одмор во населбата Принсес Роуд во четвртокот. Портпаролот на полицијата Андре Траут кажа дека Деус избегал со нејзиниот автомобил и бил уапсен подоцна во Винберг, предградие на Кејп Таун. Близнаците со родителите требало да се вратат во Шпанија денеска, кажа адвокатот на мајката.

    Засега не е познато кога Деус ќе биде пуштен од болница, а следното појавување во судот е закажано за 19 април.

    Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека ќе почека на верификација од шпанските власти на информациите објавени во шпанските медиуми за наводно апсење на македонскиот почесен конзул во Барселона, Марио Деус, пред да ги разгледа опциите за одземање или задржување на неговиот статус. МНР го испратило барањето за верификација преку македонската амбасада во Мадрид.

    Деус не е дипломат од кариера, туку бизнисмен кој има почесна конзулска улога. Според податоците објавени на страницата на македонското Министерство за надворешни работи, Марио Сезар Деус е почесен конзул на Македонија во Барселона од 6 декември 2012 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира