МАКЕДОНСКИТЕ ИЗВИДНИЦИ УТРЕ ОРГАНИЗИРАНО ЗАМИНУВААТ ОД КАМПОТ ВО БУАН ПОРАДИ БУРАТА, ИЗВИДНИЧКАТА СМОТРА ПРОДОЛЖУВА ВО СЕУЛ

    МАКЕДОНСКИТЕ ИЗВИДНИЦИ УТРЕ ОРГАНИЗИРАНО ЗАМИНУВААТ ОД КАМПОТ ВО БУАН ПОРАДИ БУРАТА, ИЗВИДНИЧКАТА СМОТРА ПРОДОЛЖУВА ВО СЕУЛЦелиот македонски контингент од 47 извидници се чувствува одлично, сите се задоволни и одлично си поминуваат, вели водачот Владимир Костовски. (Фото: В. Костовски)

    Македонските извидници кои се во Јужна Кореја, во југозападната област Буан, каде се очекува тропската бура Канун, заедно со сите други извидници вечерва ќе се подготвуваат со пакување на опремата, утре ќе го напуштат кампот и ќе се сместат во Сеул или околината на Сеул, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Владимир Костовски, генерален секретар на Сојузот на извидници на Македoнија и водач на македонски контингент.

    Светските агенции пренесоа дека Јужна Кореја се подготвува да евакуира десетици илјади извидници од крајбрежното место каде што се очекува тропската бура Канун. Меѓу нив се и 47 извидници од Македонија кои се на извидничкиот собир со 40.000 деца од целиот свет. Македонските извидници отпатуваа во Јужна Кореја на 29 јули во организација на Сојуз на извидници на Македонија, на собирот планирано да трае 2 недели. Светската организација на извидничкото движење соопшти дека добила потврда од владата на Јужна Кореја за предвременото заминување на сите учесници во југозападната област Буан. Тоа значи брзо отстранување на десетици илјади извидници, главно тинејџери од 158 земји, надвор од патеката на бурата.

    Тропската бура Канун се очекува да удри во Јужна Кореја в четврток наутро, со потенцијални ветрови со брзина од 118 до 154 километри на час. Големи делови од југот на земјата, вклучително и југозападната област Буан, би можеле да бидат зафатени од невремето уште в среда, соопшти јужнокорејската метеоролошка агенција. Бурата Канун веќе предизвика големи штети во Јпонија изминатава недела.

    Костовски вели дека сите водачи на контингенти и раководство на Светската организација добиле информација од корејската влада дека е очекуван тајфун кој речиси со сигурност ќе ја зафати смотрата на 9 август.

    Македонските извидници отпатуваа во Јужна Кореја на 29 јули во организација на Сојуз на извидници на Македонија, на собирот планирано да трае 2 недели. (Фото: В. Костовски)

    Врз база на тоа, се активира план за порано напуштање на кампот и тоа: сите учесници, заедно со водачите и водачите на контингентот ќе го напуштат кампот уште утре, согласно утврден распоред објавен до вечер. Организиран е превоз за сите до местото на сместување. Цела група се движи заедно. Сместувањето ќе биде во Сеул и околината на Сеул, во цврсти објекти, како студентски домови и слично.

    „Организацискиот тим работи на организирање на дополнителна програма во Сеул за да продолжи целото џамбори искуство. Планираната церемонија за затварање и концерти ќе се реализираат, на нова локација во Сеул. Волонтерите исто така утре ќе го напуштат кампот, меѓутоа после учесниците, најдоцна утревечер. Исхраната и целата логистика продолжува на нова локација согласно досегашната пракса“, ни рече Костовски, додавајќи дека целиот контингент од 47 извидници се чувствува одлично, сите се задоволни и одлично си поминуваат.

    Тој потенцира дека во моментов, не станува збор за никаква евакуација, програмата си продолжува вообичаено до утре.

    „Операцијата не е евакуација, туку порано напуштање на местото во поглед на заштита на децата.  Без разлика на целата ситуација  и медиумската фама, животот на камп е во најдобро светло, мотивирани и среќни што се дел од ова уникатно искуство. Целата операција не е нешто што првпат ни се случува на нас извидниците, и токму ваквите сценарија не прават подобри и поспремни личности“, ни рече Костовски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира