Производи на македонски компании се продаваат во маркетите на „Лидл“ во повеќе европски земји. Со тоа за македонските производители се отвораат нови извозни можности, но и влегуваат во систем во кој квалитетот, безбедноста и високите стандарди се услов за пристап до пазарот.
Ова беше една од главните теми при неодамнешната посета на германската амбасадорка во земјава, Н.Е. Петра Дрекслер, на производствените капацитети на „Бестфуд ТИ“ и „Млекарница Ѓоргиеви“ во Радовиш. Двете компании преку соработката со „Лидл“ веќе ги пласираат или наскоро ќе ги пласираат своите производи на европските пазари.
„Бестфуд ТИ“ со „Лидл“ соработува од 2023 година, а произведува производи од цвекло, пиперки и феферони за сопствената марка „Lidl Freshona“. Производите досега се пласирале во рамките на промотивните недели на македонски производи во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска.
„Млекарница Ѓоргиеви“, пак, наскоро започнува со производство на млечни производи за брендот „Pilos“, со што за локалната компанија се отвора дополнителен канал за излез на странски пазари.
Соработката со голем европски трговски синџир, сепак, не значи само обезбеден пласман. Таа бара производителите да исполнат строги критериуми за квалитет и безбедност, да поседуваат соодветни сертификати и да поминуваат редовни независни проверки. Контролите го опфаќаат целиот процес – од суровините и условите во производството, до финалната проверка на готовиот производ.
„Кога домашна компанија почнува да произведува за сопствена марка на ‘Лидл‘, влегува во систем со високи барања за квалитет, безбедност и следливост. Исполнувањето на тие критериуми бара инвестиции и унапредување, но ги прави компаниите поконкурентни и подобро подготвени за европските пазари“, вели Стефан Георгиев, комерцијален директор во „Лидл Северна Македонија“.
Според него, соработката со домашните производители е можност за нивен долгорочен развој, но и за создавање нови извозни можности.
За германската амбасадорка Петра Дрекслер, токму исполнувањето на европските стандарди е еден од клучните механизми преку кои македонските компании можат да станат поконкурентни.
„За македонските производители, соработката со големите трговски ланци претставува директен мост кон европскиот пазар. Применувањето на овие стандарди не е само услов за партнерство, туку механизам што на домашните бизниси им ги отвора вратите за долгорочна конкурентност на европската економска мапа – клучен чекор кон членството во ЕУ“, изјави Дрекслер.
Во „Бестфуд ТИ“ велат дека барањата за влез во системот на „Лидл“ донеле конкретни промени во производството. За да го исполнат стандардот, компанијата инвестирала во нова опрема, технологија и системи за контрола на квалитетот, особено во исполнувањето на условите поврзани со ИФС сертификатот за безбедност на храната.
„Соработката со ‘Лидл‘ беше силен мотив дополнително да го унапредиме нашето производство. За да ги исполниме строгите стандарди, инвестиравме во нова опрема, технологија и системи за контрола на квалитетот. Ова усогласување не само што ги подигна нашите критериуми, туку нè направи поконкурентен и стабилен партнер, подготвен за кој било европски пазар“, вели Крсте Ѓоргиев, управител на „Бестфуд ТИ“.
Сличен процес минува и „Млекарница Ѓоргиеви“, која инвестира во нова опрема и автоматизација на производството. Стандардите, велат од компанијата, се применуваат во целиот производствен процес – од откупот на сурово овчо и козјо млеко од локалните фарми, до финалната контрола на производите.
„Стартот на производството за брендот Pilos е значаен чекор за нашата млекарница и за нашите кооперанти“, вели Адриана Панева, директорка на „Млекарница Ѓоргиеви“.
Зголемувањето на производството и извозот преку мрежата на „Лидл“ за двете компании е потврда дека инвестициите во стандарди и квалитет можат да отворат врата кон многу поголем пазар од домашниот. Компаниите најавуваат продолжување на инвестициите во модернизација и автоматизација за да одговорат на растечката побарувачка во земјава и во странство.
„Лидл“ досега има инвестирано повеќе од 200 милиони евра во развој на современа инфраструктура во Северна Македонија. Во 2025 година, извозот на македонски производи преку мрежата на „Лидл“ достигнал 15,5 милиони евра.
За домашните производители, овие бројки се показател дека патот до европските полици не се отвора само со интерес за македонските производи, туку пред сè со исполнување на стандардите што ги бара европскиот пазар.



