МАКЕДОНСКИТЕ СЛУЖБИ НЕ ПОБАРАЛЕ УСЛУГИ ОД ЖИВАЉЕВИЌ ЗА НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ, ВЕЛАТ ОД КАБИНЕТОТ НА ИВАНОВ

    МАКЕДОНСКИТЕ СЛУЖБИ НЕ ПОБАРАЛЕ УСЛУГИ ОД ЖИВАЉЕВИЌ ЗА НАПАДОТ НА 27 АПРИЛ, ВЕЛАТ ОД КАБИНЕТОТ НА ИВАНОВЖиваљевиќ испратил селфи до советникот на Иванов за да си обезбеди алиби, тврдат од Кабинетот на претседателот. - Од упадот во Собранието на 27 април (Фото: СДК.МК)

    Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов реагираше на изјавата на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ дека оттаму добил дозвола да присуствува во Собранието за време на нападот на 27 април и соопшти дека македонските служби не побарале услуги од него. Како што велат од Кабинетот на Иванов, Живаљевиќ по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и посочениот советник (Синиша Алексовски, н.з.), дека бил во Собранието со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување.

    „Кабинетот на Претседателот не е надлежен ниту овластен да дава дозвола за престој и одобрение за активности на странски преставници и дипломати во Собранието на Република Македонија. Изјавата на господинот Живаљевиќ е спротивна на фактите. Македонските служби не побарале услуги од него“, соопшти вечерва Кабинетот на Иванов.

    Претходно вечерва, Живаљевиќ кажа дека за неговото присуство во Собранието на 27 април добил дозвола од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, демантирајќи ги тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека не добил дозвола од македонските институции да влезе во парламентот за време на организираниот напад.

    „Моето пријавување за активностите таа вечер, на 27 април, беше насочено кон самиот Кабинет на претседателот и неговиот советник за безбедност“, изјави Живаљевиќ вечерва за српската агенција „Танјуг“, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ во соопштението намерно го изоставила претседателот.

    Живаљевиќ рече дека добил одобрување за присуство од советникот за безбедност на Иванов, Синиша Алексовски, кој ја знаел причината за неговото присуство во Собранието и за тоа бил известен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира