Договорот за Северна Македонија, постигнат за време на вчерашниот телефонски разговор меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, се очекува да биде потпишан до крајот на неделата, објавија грчките медиуми, кои објавија и детали од договорот. Според информациите на радиото „Њуз24/7“, пренесени од провладината „Ефемерида“, двајцата премиери ги договориле и одредниците за „македонски јазик“ и „македонски државјанин“, а во македонскиот устав нема да има референци за заштита на македонските малцинства надвор од границите.
Македонскиот јазик е признат, со забелешка дека Северна Македонија признава во договорот дека јазикот е со словенско потекло. За националноста, ќе стои терминот „македонска/граѓанин на Република Северна Македонија“, исто така, со забелешка дека граѓаните на земјата не се поврзани со античка Македонија.
Објавени се и фазите за спроведување на договорот:
- Ратификација на договорот во македонскиот парламент.
- Непотпишување од страна на претседателот Ѓорге Иванов и враќање на документот во парламентот.
- Писмо од грчката влада до ЕУ и НАТО за почеток на пристапните преговори и покана за членство во НАТО, со услов да се направат уставни промени.
- На Советот на министри за надворешни работи на ЕУ (25-26 јуни) и ЕУ Самитот (28-29 јуни) треба да биде даден позитивен сигнал за почеток на преговорите и покрај забелешките на Франција и Холандија, со поддршка од Германија.
- На НАТО Самитот (11 јули) ќе биде доделена покана за членство на Северна Македонија, со услов уставни промени.
- Писмо од владата на Заев до над 190 земји со кои Македонија има дипломатски односи дека името е променето во Северна Македонија за билатерална и меѓународна употреба.
- Во периодот од јули до декември, владата на Заев ќе спроведе референдум и ако резултатот е позитивен, ќе се пристапи кон уставни промени. Ако е негативен, има план „Б“ за предвремени парламентарни избори.
- Откако целиот процес ќе заврши во Македонија, договорот ќе дојде на ратификација во грчкиот парламент и истовремено ќе биде ратификувано членството на Македонија во НАТО.