„Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците. Во спротивно, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. А, ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница. Само со нас, со соработка и заеднички живот можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат“, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети на партиската свечена академија во хотелот „Александар палас“ во Скопје со која Коалицијата „Европски фронт“ на чело со ДУИ ја одбележа 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор.
„Така што, нека биде ова комеморација на 23-годишнината од Охридскиот мировен договор кој има посебна заслуга за тоа што оваа земја не беше поделена, туку прифати целосен договор меѓу двете заедници и малите заедници во нивните области каде што живеат. Затоа, ние го штитиме, се бориме овој договор ниту да биде прекршен ниту загрозен, затоа што е спас и за Албанците и Македонците како две најголеми заедници“.
Од ДУИ на партискиот настан насловен „Академија за легитимитет“ рекоа дека Охридскиот договор стои како камен-темелник на мирот, стабилноста и демократијата во Македонија, олицетворувајќи ги аспирациите на сите нејзини граѓани за праведна и инклузивна држава и општество. Но, според ДУИ, формрањето на новата коалициска влада сериозно ги загрози основните принципи на Охридскиот мировен договор. Партијата истакна дека досега „етничкиот легитимитет“ генерално беше почитуван од сите влади, и укажа на „флагрантното прекршување и игнорирање на политичката и изборна волја на албанската заедница, како и на малцинските заедници“.
„Со оглед на целта на Охридскиот договор и Уставот за обезбедување праведни стандарди за етничко претставување, неопходно е да се применат мерки кои ќе го зачуваат и рефлектираат мултиетничкиот карактер на државата за да се обезбеди правилна имплементација на договорот. Мерки како ‘Влада со етнички легитимитет’ го зајакнуваат Охридскиот договор и уставниот поредок на државата, и треба да се зајакнат со понатамошни иницијативи за обезбедување на континуирано спроведување на Охридскиот договор“, рекоа од ДУИ.
Официјалното одбележување на 23-годишнината денеска се одбележа со свечена седница на Владата на кој говореа премиерот Христијан Мицкоски и првот вицепремиер Изет Меџити.