Малопродажната цена на погонското гориво за моторни возила, Метан (компримиран природен гас) на бензинските станици на „Макпетрол“ се намалува за 49,5 денари за килограм во однос на цената од минатиот месец, соопштија од нафтената компанија.
Минатиот месец цената изнесуваше 184 денари за килограм, па новата цена ќе биде 134,50 денари за килограм или 96 денари за литар.
Од компанијата додадоа дека согласно договорот помеѓу „Макпетрол“ АД Скопје и „Гаспром експорт“, како и движењето на цената на природниот гас на светските берзи, цената на природниот гас за месец ноември ќе се намали за 500 евра за 1000 нормални метри кубни, во однос на цената за месец октомври ова година.
Цената на природниот гас на светските берзи драстично се намали откако Европската унија предвреме успеа да ги наполни резервоарите до 95 отсто, поради што дојде до преголема понуда на течен природен гас, а влијание има и невообичаено топлото време за овој период од годината.