„МАКПЕТРОЛ“ НЕМА ДА УВЕЗУВА И ИСПОРАЧУВА ПРИРОДЕН ГАС ДО ПОТРОШУВАЧИТЕ ОД 1 ЈАНУАРИ

    „МАКПЕТРОЛ“ НЕМА ДА УВЕЗУВА И ИСПОРАЧУВА ПРИРОДЕН ГАС ДО ПОТРОШУВАЧИТЕ ОД 1 ЈАНУАРИОд „Макпетрол“ велат дека новите услови на работа кои ги предвидува Договорот за интерконекција помеѓу државното претпријатие „ГА-МА“ АД и „Булгартрансгас“ не се применливи. (архивска фотографија)

    „Макпетрол“ нема да увезува и да им испорачува природен гас на своите потрошувачи од 1 јануари 2023 година, соопшти нафтената компанија. Оттаму велат дека причината за оваа ситуација се новите услови на работа кои ги предвидува прерано потпишаниот Договор за интерконекција помеѓу државното претпријатие „ГА-МА“ АД и „Булгартрансгас“ од Бугарија, поради кој досегашните услови според кои „Макпетрол“ АД увезува и испорачува природен гас до своите потрошувачи, не се применливи.

    „Од причина што до овој момент не се донесени подзаконските акти согласно Законот за енергетика, кои ќе го регулираат работењето на пазарот на природен гас во согласност со договорот за интерконекција, „Макпетрол“ АД Скопје нема можност да отпочне со новите услови на работа предвидени со новиот Договор за интерконекција. Дополнителен проблем претставува и фактот што и по 5 (пет) години од донесувањето на Законот за енергетика сè уште нема сертифициран Оператор на системот за пренос на природен гас, кој е должен да ги донесе потребните подзаконски акти“, велат од „Макпетрол“.

    Од овие причини, „Макпетрол“ АД Скопје, во согласност со Договорот за интерконекција, побара од државната компанија „ГА-МА“ АД Скопје да обезбеди согласност од „Булгартрансгас“ да продолжи со работа според старите услови, заклучно со 30 септември 2023 година, во кој период би се донеле сите подзаконски акти и сите учесници на пазарот на природен гас би се подготвиле за новиот начин на работа, кој е многу посложен од досегашниот.

    Од нафтената компанија додаваат дека ги информирале сите релевантни институции во Државата за неподготвеноста на целиот пазар на природен гас за примена на Договорот за интерконекција, уште пред неговото потпишување.

    „Во однос на горенаведеното, „Макпетрол“ АД потенцираше дека потпишување на таков договор е избрзана одлука, на која задолжително треба да претходи донесување на сите подзаконски акти, како и подготовка на сите учесници на пазарот на природен гас за новите услови на работење, но истото не беше земено предвид“, велат од „Макпетрол“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира