МАРИЧИЌ ИМ ПИША НОВОГОДИШНИ ЧЕСТИТКИ НА ЗДРАВЕВ И КОЛЕВСКИ ВО КОИ ГИ ПОТСЕТИ ДЕКА ТРЕБА ДА СИ ГО ИСЧИСТАТ ДВОРОТ ОД КОРУМПИРАНИ И НЕКАДАРНИ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ

    МАРИЧИЌ ИМ ПИША НОВОГОДИШНИ ЧЕСТИТКИ НА ЗДРАВЕВ И КОЛЕВСКИ ВО КОИ ГИ ПОТСЕТИ ДЕКА ТРЕБА ДА СИ ГО ИСЧИСТАТ ДВОРОТ ОД КОРУМПИРАНИ И НЕКАДАРНИ СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИМаричиќ им посака успешна година на професионален план, бидејќи само преку темелна филтрација на судството и обвинителството ќе се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем. (Фото: Фејсбук)

    Министерот за правда Бојан Маричиќ ден после прозивката двата клучни столба да се посветат на прочистување на судството и на обвинителството од некадарни и корумпирани судии и обвинители, им прати новогодишни честитки на првите луѓе на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, Киро Здравев и Ацо Колевски. 

    „Денес се приклучив на иницијативата на Пошта на Северна Македонија и испратив новогодишни честитки со желби за добро здравје на претседателите на Судскиот Совет и Советот на јавни обвинители. Дополнително им посакав и успешна година на професионален план, бидејќи само преку темелна филтрација на судството и обвинителството ќе се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем“, ги потсети Маричиќ во честитките.

    САКАМДАКАЖАМ.МК првин Маричиќ го праша на прес-конференција, а тој пред да нè упати на адресата до Судскиот совет, ги прочита јавно, како што кажа, многу легитимните прашања:

    1. Зошто никој не се заинтересира за чуваните десетици предмети со години, во канцеларијата на претседателот на Врховниот суд Вангеловски? Дали има вмешаност и на други судии, членови на совети во Судот?
    2. Се зборува дека неефикасноста и некадарноста на одредени врховни судии актуелниот в.д. претседател ги покрива со тоа што ги зема сите нерешени предмети кои чмаеле кај поединци месеци и години, па повторно ги дели на сите судии, па секој мора да помага одредени колеги кои од некои причини го развлекувале и не го решавале својот предмет?
    3. Зошто толку долго траат постапките за разрешување во Судскиот совет?

    Прашањата веднаш му ги упативме на претседателот на Судскиот совет Здравев. Тој ни одговори:

    „За предметите за кои спомнувате Судскиот совет го извести Јавното обвинителство и за понатамошната постапка немаме одговор“ (за првото).

    „Дел од судиите против кои водиме постапки гледаат на секој начин да ја одолговлекуваат постапката со лекарски уверенија но и за нив постапките се при крај“. (одговор на третото прашање).

    На наше дополнително барање, Здравев се изјасни и за второто прашање:

    „За второто прашање, распишавме оглас за избор на претседател на Врховниот суд. Ако успееме, планирам постапката да ја завршиме пред Нова Година. Ако не, тогаш сигурно на почетокот од годината“.

    Одговорност за таквото покривање на врховни судии, според одговорот на Здравев, нема да има.

    За разлика од Здравев, пак, претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски, како да не постои во јавноста. Последниве неколку месеци има десетици најави за начини и механизми, за обиди, проби, од извршната власт за процес на прочистување на обвинители кои мижат пред криминал, но од Колевски ни глас.

    С. К. ДЕЛЕВСКА 

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира