Неколку илјади граѓани, поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија”, се собраа пред Владата и оттаму се упатија кон Собранието, кадешто и заврши собирот. На собирот се пуштаа патриотски песни, а учесниците скандираа „Македонија, Македонија”.
Како што најавија од граѓанската иницијатива, со денешниот собир сакаат да им порачаат на сите политички партии да го почитуваат Уставот, да се обврзат дека нема да го променат името и да не прифаќаат платформи создадени за туѓи интереси.
Во иницијативата меѓу другите се директорот на Македонската опера и балет (МОБ) оперскиот пејач Игор Дурловски, режисерот Борис Дамовски, кои говореа на собирот, пијанистката и амбасадор на културата на Македонија во Австрија Елена Мисиркова Лоза, а говореше и актерот Владо Јовановски.
Собирот претходно беше најавен на социјалните мрежи под мотото „Црвената линија ја поминавте. Црвено-жолтата, не“ и беше наречен „четврт Илинден”.