МАТНА Е КАМЕРАТА КАЈ ВЛЕЗОТ, СКОРО НИШТО НЕ СЕ ГЛЕДА, ГО ТЕШИ ВЕЉАНОСКИ МУКОСКИ ПО 27 АПРИЛ

    МАТНА Е КАМЕРАТА КАЈ ВЛЕЗОТ, СКОРО НИШТО НЕ СЕ ГЛЕДА, ГО ТЕШИ ВЕЉАНОСКИ МУКОСКИ ПО 27 АПРИЛВо деновите по организираниот напад во 27 април, од пораките на обвинетите се гледа како се жалат дека СДСМ си ги заштитил своите, Албанците своите, само тие биле оставени на цедило од главните од ВМРО-ДПМНЕ. - Трајко Вељаноски (Фото: СДК.МК)

    На денешното судење за организираниот напад во Собранието на 27 април лани, се читаа пораки од смс и вибер комуникацијата на тогашниот претседавач Трајко Вељаноски.

    Вељаноски, кој не е меѓу 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, му пишува на обвинетиот началник на неговото обезбедување Горан Ѓошевски: „Утре сабота побарај го Душко и кажи му ги мерките“.

    Ѓошевски на Трајко: „Да, да, секако“.

    Два часа пред организираниот напад во Собранието на 27 април лани, Никола Груевски од Виена му препраќа порака на Трајко Вељаноски од Панче Кралев: „Од ДУИ информација, од човек што дојде од состанок со Талат. Денес попладне, по 17 часот се спрема избор на Талат за претседател по иницијатива на СДС“.

    По ова, Трајко на Илија Димовски му праќа: „Гледајте ако стварно го бираат Талат 16 часот“.

    Во следна порака, Трајко му пишува: „Одма 10 -тина пратеници од кабинет кај мене!“.

    Во 16.08 часот, Трајко му пишува на Илија: „За да го бранат кабинетот. Пола пред кабинет, пола во сала“.

    Во 18.39 часот, Илија му пишува на Трајко: „Го избраа Талат“.

    Трајко одговара: „Види пратеници пред кабинет да дојдат, ако тргнат наваму“.

    Во 18.41 часот, Трајко му пишува на Никола Тодоров: „Народ нека се собере!“.

    Трајко му пишува на Илија: „Народ влегува“.

    Утредента, Трајко на пратеникот Крсто Мукоски, кој ги отвори собраниските врати му пишува: „Човекот кажа дека кај вратите скоро ништо не се гледа. Една камера има од далеку и матна е“.

    Крсто продолжува да се плаши: „Ок, ми кажа човекот, ама не е лошо некако да се слушнеме со колегата што беше кај тебе, да ја потврди целата ситуација дека ќе е така како што кажуваш“.

    „Сериозна е работава со мене“, се плаши Крсто. И потоа на неколку минути му штанца пораки на Трајко и му се моли, а овој вика: „Не се видов со човекот, ама така е како што ти реков, камерата, е матна“.

    Во деновите потоа, Горан Ѓошевски се жали дека полиција го прибрала, Агим Нухиу упорно притискал за распрашување, Чавков не ги заштитил. Обвинетите се жалат како СДСМ си ги заштитил своите, Албанците своите, само тие биле оставени на цедило од главните од ВМРО-ДПМНЕ.

    Потоа Трајко фаќа врски по вибер кај Џевад Адеми да притисне кај министерот Нухиу да го пуштат Ѓошевски, а вртел и кај Артан Груби.

    Трајко се вади, Џевад Адеми бил во емисија, не можел да му се јави на Нухиу.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира