МАТУРАНТИТЕ И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ СЕ СПОГОДИЈА ЗА ДРЖАВНА МАТУРА СО 2 ИНТЕРНИ И 2 ЕКСТЕРНИ ПРЕДМЕТА

    МАТУРАНТИТЕ И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ СЕ СПОГОДИЈА ЗА ДРЖАВНА МАТУРА СО 2 ИНТЕРНИ И 2 ЕКСТЕРНИ ПРЕДМЕТАДел од матурантите бојкотираа настава оти тврдеа дека немаат време да се подготват за предметите. (Фото: K. Попов)

    Матурантите кои бојкотираа настава и бараа скратена програма за државна матура и Министерството за образование и наука (МОН) постигнаа компромис и се договорија да се полагаат 4 испити, 2 екстерни и 2 интерни.

    Од кабинетот на министерката Мила Царовска соопштија дека е прифатливо компромисното решение за начинот на полагање на државната матура кое што го прифати и Сојузот на средношколци.

    „Предложениот модел е во интерес на сите матуранти, а Северна Македонија го задржува стандардот од 4 испити (2 екстерни и 2 интерни) и ниту еден матурант нема да биде оштетен“, вели МОН.

    Матурантите изминативе месеци бараа да полагаат скратена програма на државната матура со образложение дека немале доволно време да ги подготват испитите. Наместо четири, тие бараа да полагаат два испити на матурата, од кои еден задолжителен македонски јазик и еден изборен предмет.

    Од Сојузот на средношколци претходно соопштија дека го прифаќаат решението за државна матура за кое се разговарало со премиерот Зоран Заев, пратеничката Моника Зајкова и советникот на премиерот Ѓорѓи Тасев.

    Овој компромис предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно. Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени. Сојузот смета дека ваквиот начин на распределба на поените е поправеден и порамномерен за сите матуранти.

    „Уште утре Матурскиот одбор ќе ги разгледа сите прашања кои произлегуваат од предложените услови, по што ќе се воспостави методологијата за полагање на државната матура“, вели МОН.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира