Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја проверуваше перцепцијата на граѓаните за безбедноста, како личната, така и општо, во државата, па од анализата произлегува дека луѓето се чувствуваат безбедни дома и во населбата во која живеат, а многу помалку во државата, а возрасните мажи најбезбедни се во својот брак.
Анкетираните мажи по случаен избор, се изјасниле дека на работа и на улица се понебезбедни отколку со сопругите, односно во бракот.
Истражувањето покажа дека мнозинство од граѓаните (59,8%) сметаат оти безбедноста во Македонија е многу или главно загрозена. Меѓу нив, побројни се жените. Загриженоста опаѓа со зголемувањето на степенот на образование од 67,0% кај оние со незавршено основно до 47,2% кај испитаниците со завршено високо образование.
Прашани со кои активности може да се надмине безбедносната загрозеност, 64,0% од испитаниците целосно се согласиле со изјавата построги закони и поголема дисциплина помеѓу граѓаните. Големо мнозинство од 91,7% се согласни (потполно или делумно) дека тоа може да се направи со подигнувањето на стандардот на граѓаните што и дава економска димензија на безбедноста. Двете области во кои треба најмногу да се инвестира за да се намали безбедносната загрозеност се јакнењето на институциите (21,8%), вложувањето во луѓето кои се дел од системот на безбедност преку зголемување на плати и набавки на опрема (19,4%).
Невработеноста и сиромаштијата (57,9%), појавата на локален тероризам и вооружен бунт (52,0%) и меѓуетничките тензии (51,3%) се факторите кои можат да влијаат на безбедноста.
Голема е согласноста (потполна или делумна) и кај поддршка за факторите како што е нивото на демократија, задолженоста на земјата и порастот на политичката поларизација.
Корупцијата, организираниот криминал, иселувањето во странство и финансиската задолженост ги прави многу загрижени мнозинство од граѓаните на Северна Македонија. Речиси половина од граѓаните се многу загрижени заради злоупотребата на дроги, а околу една третина, заради „белата чума“, односно депопулацијата на населението.
Нема мнозински афирмативен одговор на прашањето за безбедноста на жените во бракот, на работа или на улица. Најмногу потврди одговори има за безбедноста на жените во бракот, потоа на работа и на крај, на улица.
За разлика од прашањето за безбедноста на жени, кога е во прашање безбедноста на мажите, сите афирмативни одговори се мнозински. Најголем број (64,2%) сметаат дека мажите се безбедни во бракот. Овој процент се намалува кај безбедноста на работа на 59,7% и уште повеќе кај безбедноста на улица (54,4%).
Податоците беа прибирани со телефонска анкета која е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.
Натаму, кога е во прашање личната безбедност, половина од граѓаните (52,7%) се чувствуваат безбедно во средината во која живеат и работат.
Најбезбедно се чувствуваат етничките Македонци (59,4%), по нив другите етнички заедници (53,8%), а тој процент кај етничките Албанци изнесува најмалку, 33,3%.
Прашани кој најдобро ќе ги заштити нив и нивните семејства, најголем број од граѓаните (46,2%) имаа доверба само во себе, односно сметаат дека тие самите најдобро ќе ја заштитат својата и безбедноста на нивното семејство. Една петтина рекле дека никому не му веруваат, а нешто помалку, односно 19,0% сметаат дека полицијата ќе ги заштити најдобро.
Граѓаните најбезбедно се чувствуваат дома. Како се зголемува дистанцата, односно опкружувањето, така се намалува чувството на безбедност. Во бројки тоа е од 91,2% (за безбедноста во домот), а надвор од дома и од населбата во која живеат, се чувствуваат безбедни само 60,4% од испитаниците.
Кога се во прашање факторите кои влијаат на чувството за безбедност, резултатите од истражувањето покажуваат дека околу една третина од граѓаните се чувствуваат безбедно затоа што живеат нормално и го почитуваат законот и редот. Причината за чувството за небезбедност за околу 20% од испитаниците е уличниот криминал и насилство, а околу 15% одговориле дека такво чувство им прави лошата економска состојба и сиромаштија.
Половина од граѓаните (50,3%) се подготвени да посегнат по насилство за да ја заштитат безбедноста на нивното семејство. Вкупно 40,4% од испитаниците не се согласуваат со ниту еден од ставовите, односно самите не би посегнале по насилство за заштита. Иако процентот на оние кои се подготвени да пријават насилство е мнозински (59,6%) сепак, загрижуваат аргументите на остатокот од испитаниците за непријавување: велат дека тоа не е нивна работа, дека не веруваат оти надлежните можат да го решат проблемот, или се плашат од последиците.
Кај најмладите испитаници, оние меѓу 18 и 29 години, најниска (46,2%) е подготвеноста да пријават насилство или кршење на законот, а една четвртина од нив рекле дека тоа не е нивна работа.
Локално гледано, граѓаните најмногу ги загрижуваат небезбедните патишта и брзото возење (31,0%). На второ и трето место се криминалните пресметки (15,6%) и насилството поврзано со злоупотреба на дроги (15,5%). Загриженоста заради небезбедните патишта и брзото возење расте со зголемувањето на возраста на испитаниците од 22,5% кај оние меѓу 18 и 29 години до 38,2% кај граѓаните над 65 години.
С. К. ДЕЛЕВСКА