Фондот за здравствено осигурување Македонија (ФЗОМ) обезбеди дополнителни средства за лекот „трикафта“ за да го примаат дополнителен пациенти со цистична фиброза, освен 12-те кои веќе го примаат, соопшти Министерството за здравство за денешната средба со Асоцијацијата за цистична фиброза.
Агенцијата МИА објави дека бирократски процедури биле пречка за лекот „трикафта“ да го добијат и други пациенти со цистична фиброза. Според претседателот на Асоцијацијата, Фики Гаспар, нема точен датум кога нови пациенти ќе почнат да ја примаат модулаторната терапија.
„Владата спома дека сто милиони денари се овозможени и дека се работи за дополнителни 55 пациенти со цистична фиброза да почнат со примање ‘трикафта’. Денеска ни беше кажано дека финансиите се одобрени и префрлени, но, согласно преговорите со фирмата од која ќе се набавува, не можат да кажат бројка, затоа што се надеваат дека ќе биде и поголем број пациенти. Се зборуваше и за недостигот од лекот ‘креон’, што го користат пациентите секојдневно во својата исхрана. Лекот е дефицитарен и многу често мораше да се купува од други места, да се позајмува меѓу пациенти коишто имаат залиха. Ни беше ветено дека овој проблем ќе биде разгледан, се надеваме ќе биде решен“, изјави Гаспар по состанокот во Министерството за здравство.
Тој додаде оти се надеваат дека до средината на декември ќе се набави модулаторната терапија.
„Ни кажаа да не се врзуваме за датуми, дека согласно сите, за жал, бирократски процедури, може да фати и некој датум малку подоцна. Министерот ислуша пациенти кои веќе подолг период чекаат, ние 12 ја имаме терапијата до крај на годината. За нас беше спомнато дека не би требало да има застој“, кажа Гаспар.