Ангела Меркел ќе биде првиот германски канцелар во посета на Македонија, кога в сабота на 8 септември ќе пристигне во Скопје. Претходно, поранешниот канцелар Герхард Шредер на поминување беше во Македонија на 23 јули 1999 година, на пат за косовскиот град Призрен, каде што беше сместен германскиот гарнизон во рамките на КФОР.
Посетата на Меркел вчера беше потврдена од нејзиниот кабинет и од владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Нејзиниот портпарол Штефен Зајберт за грчката агенција АНА-МПА кажа дека Меркел сака самата на лице место да формира впечаток во пресрет на референдумот за прашањето за името на земјата, кој што ќе се одржи на крајот од месецот. Засега ниту германската, ниту македонската влада не откриваат детали за агендата на Меркел.
- На 22 август, во телефонски разговор со премиерот Зоран Заев, Меркел го поддржа претстојниот референдум за името.
„Канцеларката Меркел ја потврди поддршката на Германија за постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција, којшто го решава долгогодишниот спор, што беше главна пречка за членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Во таа насока заеднички е заклучено дека референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата“, соопшти тогаш Владата.
- На 22 јуни, Меркел преку писмо му честиташе на премиерот Зоран Заев за постигнатиот договор за името со кој се решава 27-годишниот спор со Грција. Од Владата информираа дека Меркел во писмото навела оти Германија ќе го следи натамошното спроведување на договорот.
- На 22 мај, кога преговорите за името беа во финална фаза, Меркел телефонски разговараше и со македонскиот и со грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас.
- На 21 февруари, за време на посетата на Заев на Берлин, Меркел му кажа на македонскиот премиер дека компромисите се болни, но дека тие мора да се реализираат.
Пред најавената посета на Меркел, во Македонија од осамостојувањето до денеска престојувале тројца германски министри за надворешни работи – Клаус Кинкел во 1995, Јошка Фишер во 2001 и Гидо Вестервеле во 2013.
Клаус Кинкел беше во еднодневна посета на Скопје во април 1995 година за време на грчкото ембарго.
„Имам силно чувство дека е дојден моментот Македонија и Грција да ги надминат разликите. Иако Грција е наш европски партнер, ние мислиме дека грчката блокада е погрешен потег“, кажа Кинкел во 1995 година во Скопје.
Јошка Фишер дојде во Скопје во 2001 година, непосредно по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
„Не сум тука да вршам притисок врз парламентот. Кога ние изразуваме загриженост, тоа не е за да вршиме притисок, туку затоа што сакаме да апелираме до македонските политичари да ги исполнат своите големи одговорности. Македонскиот парламент сега мора да гласа за рамковниот договор“, рече Фишер.
Гидо Вестервеле беше во Скопје во февруари 2013 година, кога тогашната опозициска СДСМ го бојкотираше парламентот откако на 24 декември претходната година опозициските пратеници и новинарите беа насилно исфрлени од Собранието пред гласањето за буџетот.
„Не сакам да кријам дека ние сме загрижени поради веќе долготрајната внатрешна политичка криза, која што се одвива овде во Скопје. Јас навистина апелирам до сите да ја видат целта и да го согледаат националниот интерес, да ја осознаат својата сопствена одговорност, да мислат на судбината и на иднината на земјата и да покажат доволна мерка на подготвеност за компромиси“, изјави тогаш Вестервеле, кој се сретна со министерот за надворешни работи Никола Поповски, претседателот Ѓорѓе Иванов и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, но не и со премиерот Никола Груевски.
М. ИЛИОСКИ