Обвинителството денеска се разбуди за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ, откако Стејт департментот завчера го стави на црна листа него, сопругата и децата, па објави и колку истраги има во моментов против него.
Од активни 6 случаи против Мерко, не само што ниту еден не е завршен, туку има заглавени во фаза на предистрага, уште од 2015 година. Тоа значи дека дури ни истрага не била отворена.
Најголем дел од овие предмети против Мерко се зацементирани во Основното јавно обвинителство Струга. Има два и во ОЈО за организиран криминал и корупција. Кривичните дела во овие шест случаи против градоначалникот со трет мандат се за: злоупотреба на службената положба и овластувањата, за злоупотреба при јавни набавки и за штета на Буџетот, за измама и за несовесно работење во службата.
Сите се дела со предвидени затворски казни, има и такви за кои е пропишана казна над 5 години затвор.
Предметот од 2015 година против Рамиз Мерко и за други три лица, отворен е по пријава на Управата за финансова полиција, уште кога ВМРО-ДПМНЕ била во коалиција со ДУИ. За тој предмет Обвинителството вели дека 8 години е закочен од Бирото за судски вештачења.
„Предметот е отворен по пријава од УФП за кривично дело по чл.353 ст.1,2. и 5 (штета на Буџетот при вршење на јавни набавки н.з.) против лицето за кое покажувате интерес и други три лица. Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година“, вели Обвинителството.
Во 2019 година се отворила постапка за Рамиз Мерко во ОЈО за организиран криминал и корупција, за злоупотреба на службена положба и овластување и за измама против наведеното и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. Но, и тој е во предистражна постапка, што значи не е ни истрага отворена.
Против Мерко во текот на изминатите години биле водени и повеќе други постапки по поднесени пријави од различни субјекти и институции.
„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство на Македонија.
Во вторникот, Стејт департментот го означи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција. Оттаму рекоа дека Мерко, како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси.
С. К. ДЕЛЕВСКА