Владата на Зоран Заев денеска ја одржа првата седница, на која беа определени задолженијата на седуммината министри без ресор. Рамиз Мерко е задолжен за странски инвестиции, исто како и Аднан Ќахил и Зорица Апостоловска. Зоран Шапуриќ е задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија. Роберт Поповски е за комуникации, отчетност и транспарентност, Едмонд Адеми за дијаспора и Самка Ибраимовски за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија.
На денешната седница, премиерот Зоран Заев определи и петмина заменици, и тоа: министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Бујар Османи, кој е задолжен за европски прашања, Кочо Анѓушев, кој е задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и Хазби Лика, кој е задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем.
Беше формиран и Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, чијшто раководител е Оливер Спасовски.