МЕСТО ЗА ЕДЕН ЌЕ СЕ ПЛАЌА ЗА ТРИ ИМОТНИ ЛИСТОВИ ИЛИ ВКУПНО 3.750 ДЕНАРИ СО НОВИОТ ТАРИФНИК НА КАТАСТАР

    МЕСТО ЗА ЕДЕН ЌЕ СЕ ПЛАЌА ЗА ТРИ ИМОТНИ ЛИСТОВИ ИЛИ ВКУПНО 3.750 ДЕНАРИ СО НОВИОТ ТАРИФНИК НА КАТАСТАРВладата го одобрила новиот геодетски тарифник изготвен од Катастарот на 30 јануари, во Службен весник е објавен на 7 февруари, а стапи на сила на 15 февруари. (Фото: СДК.МК)

    Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) има нов тарифник за геодетските работи со повисоки цени. Станува збор за поскапување што е неопходно поради зголемените реални трошоци на овластените геодети-поединци и геодетските фирми – струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемувањето на платите, изјавија од Катастарот за Мета. Владата го одобрила новиот геодетски тарифник изготвен од Катастарот на 30 јануари, во Службен весник е објавен на 7 февруари, а стапи на сила на 15 февруари.

    Нотари, кои се изненадени од поскапувањата, за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека според новиот тарифник, упис во катастар, на пример во оставинска постапка, кој порано беше 1.250 денари по катастарска општина, сега е по имотен лист. Порано, во случај да се наследи или купи стан за кој има најчесто 2, некогаш и 3 имотни листа се плаќаше еден упис од 1.250 денари за промена на сопственик во сите имотни листови, а сега се плаќа по 1.250 за секој имотен лист посебно или вкупно 3.750 денари.

    „Еднаш ја сменија тарифата во септември 2023. До септември упис беше 350 денари, од септември 1.250 (за сите имотни листови заедно во една катастарска општина), а сега е 1.250 денари по имотен лист“, велат нотарите.

    Во висината на надоместоците од правилникот не се пресметани трошоците за користење податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем, како и данокот на додадена вредност. Трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи надоместот за извршените геодетски работи пропишан со овој тарифник можат да го намалат најмногу до 50 проценти.

    Од катастарот за Мета изјавија дека постои и отворен сет на бесплатни податоци кој може да се користи од граѓаните, приватниот сектор и други заинтересирани. Листата на отворени податоци, за кои не се наплаќа надоместок е опишана во член 7 од Tарифникот за висината на надоместокот за користење и увид на податоците од геодетско-катастарскиот информационен систем, како и за издавање овластување за изработка на картографски производи и за висината на надоместокот за издавање на согласност за ставање во употреба на картографскиот производ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира