Сашо Мијалков кој е во затвор од отворен вид во Струга, победи во Апелациониот суд Скопје против Кривичниот суд, кој што првично не му дозволи предвремен отпуст.
Жалбата ја поднел преку Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга. Апелациониот суд донел решение со кое жалбата се уважува, а предметот се укинува и се враќа на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд.
Мијалков е осуден на три години затвор откако призна вина во предметот „Империја“ за перење пари. Се очекува Кривичниот суд да постапи по насоките од повисокиот суд и да го ослободи Мијалков, кој исполнува услов за предвремен отпуст.
Скопска апелација денеска одлучила и Јанакиески да излезе од затвор на 16 јуни 2024.
„Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се одбива како неоснована, додека жалбата на осудениот М.Ј. изјавена преку неговиот бранител, со која се бара условен отпуст, се уважува. Согласно донесеното решение на Апелациониот суд – Скопје, одлуката за условен отпуст е преиначена и условниот отпуст за осудениот М.Ј. наместо, како што гласеше првичната одлука, да започне на 16.01.2025 година, ќе започне на 17.06.2024 година, но под услов до истекот на условниот отпуст обвинетиот да не стори ново кривично дело“, стои во решението на Апелациониот суд Скопје.
Претходно и Гордана Јанкулоска излезе предвреме од „Идризово“.
Сите коруптивни случаи на СЈО пропаднаа со помош на Парламентот што минатата година ги донесе измените на Кривичниот законик со кои делата застаруваат порано, а обвинетите, казнетите и осомничените политичари за злоупотреба на службената должност се спасија.
Поранешниот премиер Никола Груевски е избеган.
Во затвор останаа уште поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева и службеникот Ѓоко Поповски од МВР кој ја спроведе јавната набавка за службениот мерцедес по нарачка на Груевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА