МИЈАЛКОВ СО ЛИВЧЕ НАРЕДУВАЛ КОИ ТЕЛЕФОНСКИ БРОЕВИ ДА СЕ ПРИСЛУШУВААТ, ТВРДИ СВЕДОКОТ ЛАЗАРЕВСКИ КОЈ ГО ОТКРИ МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ

    МИЈАЛКОВ СО ЛИВЧЕ НАРЕДУВАЛ КОИ ТЕЛЕФОНСКИ БРОЕВИ ДА СЕ ПРИСЛУШУВААТ, ТВРДИ СВЕДОКОТ ЛАЗАРЕВСКИ КОЈ ГО ОТКРИ МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕОбвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков со адвокатите на денешното судење за предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во 2006 година кога доаѓа новото раководство во УБК на чело со обвинетиот за масовното нелегално прислушување, Сашо Мијалков, не постоеше закон за следење на комуникациите, го почна сведочењето свиркачот од Петтата управа во МВР Ѓорѓи Лазаревски во Основниот суд Скопје 1 за тоа како тргнала целата операција прислушување на граѓани и се изгубила контрола.

    „Уставната забрана за прислушување во 2006 година се укина, за да се направи закон. Следењето на комуникации функционираше исклучиво со интерни одлуки на директорот на УБК Сашо Мијалков, во консултација со министерот за внатрешни работи. А информациите беа третирани како оперативни информации, кои оперативците ги добиле од терен. Луѓе на повик добиваа некој неформален документ од директорот и оперативците врз основа на тоа вклучуваа и исклучуваа броеви. Имаше и луѓе за транскрипти, т. н. репродуцери“, сведочи Лазаревски.

    Во судница се обвинетите Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски и шестмина од УБК. Отсутни во овој процес „Тврдина-Таргет“ се избеганите Горан Грујевски и Никола Бошковски.

    Од 15 септември 2006, кога бил разрешен од Мијалков од началничката функција во Петтата управа во МВР и на негово место бил поставен Горан Грујевски, Лазаревски немал контакт веќе со „Веринт“ системот од Израел, за следење на комуникациите.

    „Но, системот што го водев по деградирањето и Веринт системот делеа иста просторија со параван. Отпочеток ни во преградата не гледав, сакав да се докажам на новото работно место. Но, добив некои индикации дека контролата во прислушувањето е попуштена и ме копкаше до кој степен е отидено. Се прашував што има во системот“, вели сведокот Лазаревски.

    На крајот, во 2008 година тој ја реализирал идејата.

    „Искористив можност да се закачам за мрежен канал кој беше поврзан со системот позади параванот и се обидов со пасвордот што од порано го знаев како началник, да влезам во системот. Успеав, влегов во системот кај што се чуваат логови за активности и добив во текстуална форма податоци што треба да се обработат. Но, имаше информации и кој репродуцер на кој таргет (телефонски број третиран со псевдоним) му има пристап. Тие информации што ги извлеков, покажуваа во колку часот одреден репродуцер пристапил до таргетот. Имаше и пристап до секоја комуникација на таргетот“, во детали опишува Лазаревски.

    Поради замор од специфичното сведочење, судот во моментов одреди пауза. Лазаревски продолжува по еден час.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари