Повторената постапка на судењето за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски од политичка одмазда на експремиерот Никола Груевски, обвинетите ја нападнале со над 30 сведоци и десетици нови докази, дознаваме од судски извори. Меѓу доказите што ги поднел обвинетиот Миле Јанакиески е и одлуката на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за негова амнестија. Одлуката на Иванов првпат се поднесува како доказ, досега обвинети на судење ја спомнувале само усно.
„ТНТ“ е еден од случаите каде Иванов докажува дека при амнестирањето се водел само од партиски мотиви. Ги амнестирал нарачателот Никола Груевски, тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ и организаторите Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски и Тони Трајковски, градоначалник на Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, на чија територија беше изграден во карабина огромниот комплекс „Космос“. Четворицата извршители од општината на наредбите на овие поранешни високи државни функционери, не се опфатени со амнестијата.
Во доказите, дознаваме дека Јанакиески ја приложил само одлуката за амнестија, но не и одлуката на Иванов за повлекување на амнестијата, која исто така беше објавена во Службен весник. Ако се прифати амнестијата на Јанакиески како доказ и постапката за него биде евентуално запрена во „ТНТ“, тоа автоматски ќе важи и за Груевски и за Трајковски.
Една од четворицата вработени во општината кои во повторената постапка на „ТНТ“ останува на цедило е и обвинетата Елисавета Најдовска, која пред изрекување на пресудата најми адвокат Албанец за да бара превод на албански јазик на целиот предмет што се водеше две години. Немаше законска основа за такво нешто, но Најдовска со потегот успеа судењето да го подзастане во темпото и да се добие во време во однос на стекнувањето на пензискиот стаж на една од поротничките.
Иванов за спорната амнестијата, до денеска нема ниту кривична пријава за обидот за спасување од криминал на поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Не е познато дали судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани ќе ги прифатат новите докази и сведоци. Судски извори велат дека е небулозно што дел од новите сведоци се предлагале врз база на тоа што во претходното судење за „ТНТ“ кажале други сведоци. Сега „ТНТ“ се суди по вторпат и почнува од нула, така што пропаѓа во вода сè што кажале сведоците првиот пат.
Тони Трајковски на крајот на декември тврдеше дека бил нападнат од непознат сторител додека го шетал кучето. Од Градската болница „8 Септември“ веднаш го пуштија со известување дека пациентот е во добра општа здравствена состојба. По тој извештај, осамнаа на Фејсбук фотографии од Трајковски. Ја смени болницата, отиде на Клиничкиот центар и таму доби потврда дека бил нападнат и удрен по лицето.
Таа повреда се преобрази веднаш во психичка траума, за што Трајковски од докторката Викторија Вујовиќ доби 15-дневно боледување, а „ТНТ“ одлагање на почетокот на 6 февруари 2020 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА